1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Единствен аргумент е оружјето

Керстен Книп / Симе Недевски15 јули 2014

Многу Палестинци во Појасот Газа и на Западниот брег ги поздравуваат ракетните напади врз Израел. По пропаѓањето на мировните преговори тие загубија надеж во политичко решение на кризата.

https://p.dw.com/p/1CcjW
Фотографија: Reuters

Што ги предизвика новите искри на Блискиот Исток? Киднапирањето и убиството на тројцата израелски тинејџери на Западниот брег? Иако и натаму е неизвесно дали за оваа трагедија е одговорно исламистичкото движење Хамас, израелските власти одговорноста ја префрлаат на Палестинците. Во меѓувреме еврејските екстремисти жив запалија еден 16-годишен Палестинец. Прашањата се нижат, одговори нема. „Хамас не се откажува од ракетни напади врз Израел, а цивилите мора да се заштитат. Значи, израелската војска мора да одговори“, тврди експертот за безбедност Шаул Шеј, соработник во интердисциплинарниот центар Херзли.

Правничката Ранија Мади од палестинската организација за човекови права Бадил случувањата на Блискиот исток ги објаснува поинаку. За неа ракетните напади од појасот Газа се реакција на киднапирањето и убиството на тројцата израелски тинејџери на Западниот брег. Израел реагираше претерано. Војската уапси стотици невини луѓе, ги уништи куќите на двајца припадници на движењето Хамас, а притоа немаше никакви докази за нивната вмешаност во злосторството. Палестинската автономна управа не се мешаше, што разлути многу Палестинци, поради што и им даваат поддршка на ракетните напади врз израелска територија. Интензивирани се и дискусиите на социјалните мрежи, во кои учествуваат и интелектуалци, пред се’ палестински правници и борци за човекови права, раскажува Мади. „Поголемиот број од нив ја поддржува левицата, а не Хамас. Сепак, му даваат поддршка на отпорот“.

Ако страдаме ние, ќе страдаат и другите

Во Појасот Газа многу граѓани се солидаризираат со воените акции на Хамас, најмногу поради фактот дека тешко живеат, тврди Усама Антар, политиколог од Универзитетот Ал-Азар во Газа. Луѓето се третираат како животни. Тешко е да се дојде и до основни прехранбени производи, а не им е дозволено да го напуштат Појасот Газа. „Никој не може да се помири со фактот дека така мора да живее“, вели Антар за ДВ. Ранија Мади вели дека отпорот е легитимен, бидејќи според меѓународното право Израел всушност го држи Појасот Газа под окупација. „Населението нема пристап до море, а блокиран е и воздушниот простор. Границите ги контролира Израел“, вели таа.

Palästina Israel Angriff auf den Gazastreifen 12.07.2014 Luftangriff Gaza-Stadt
Фотографија: Reuters

Антар и Мади и’ противречат на тезата дека Хамас лансира ракети за да ја придобие нарушената политичка доверба. За борбите не е одговорен само Хамас, туку и други исламстички движења, вклучувајќи го и секуларниот Фатах. „Сите на овие напади гледаат како на давање отпор“, уверен е Усама Антар, „бидејќи Израел прибегнува кон политика без перспектива. Се’ додека живееме во сенка на нападите и други би требале да го почувствуваат тоа на своја кожа. И се’ додека страдаме ние, ќе страдаат и други - во тоа се согласни сите Палестинци“.

Palästina Israel Angriff auf den Gazastreifen 12.07.2014
Фотографија: Reuters

Палестинците не му се поклонуваат на Израел

Во едно израелските и палестинските аналитичари се сложни. Попаметно би било да се запре со конфликтот и да се започнат преговори во потрага за политичко решение. Но, изгледа дека тоа е невозможно, вели Антар. “На палестинските автономни власти им недостига одлучна политика, со која ќе му се спротистават на Израел. Второ, меѓународната заедница би морала дополнително да се ангажира и да овозможи застапување на палестинските интереси пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг. „Нетанјаху и неговата влада имаат страв од оваа институција. Во тој случај веројатно би се откажале од бруталност над луѓето во Појасот Газа“.

Истовремено, се’ помалку има такви кои веруваат во успехот на мировните преговори, значи во политичко решавање на кризата на Блискиот исток. Иако ракетните напади од Појасот Газа немаат никаков воен ефект, тие имаат политичка порака- Палестинците не сакаат да му се поклонат на Израел. Од сето тоа профитира еднинствено Хамас. Со други зборови, дипломатијата и политиката на овие простори не функционираат. Во игра во моментов, и за едните и за другите, е само аргументот на силата.