Европските интеграции на Западниот Балкан и писмото на Ангела Меркел
30 декември 2005За почеток на денешниот преглед на пишувањата на весниците, сепак, одбравме текстови кои се однесуваат на европските интеграции на Западниот Балкан, вклучително и на Македонија.
Австрија од 1-ви јануари ќе претседава со ЕУ. Министерката за надворешни работи Урсула Пласник во опширно интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборува за спорните прашања во Унијата, за односот на нејзините граѓани спрема европскиот мировен проект и како да се врати кај нив довербата во обединета Европа. Во тој контекст, повеќе попатно, Пласник вели дека Автсрија опстојува врз европската перспектива за балканските земји и оти вклучувањето на тие партнери „чекор по чекор“ ќе биде едно од тежиштата на австриското претседателствување со Унијата.
Берлинскиот весник „Тагесшпигел“ ја цитира Пласник дека „и покрај задршките, што ми се познати, тие земји еден ден ќе бидат членки на Унијата. Тоа не треба повторно да го ставаме под прашање“. Но, во написот понатаму се вели:
„Поранешниот австриски еврокомесар за земјиоделство Франц Фишлер сепак ги придуши очекувањата дека балканските земји бргу ќе можат да станат членки на ЕУ. ’Со Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија и Црна Гора уште нема дури ни заклучок за тоа дали ќе бидат водени преговори. Во тие случаи зборуваме за временски простор од 10 до 15 години“ – ги пренесува Тагесшпигел зборовите на Фишлер дадени за германската телевизија АРД.
Во Комисијата на ЕУ сепак нема дилеми за европските перспективи на западниот Балкан. Тоа го потврдува и најодговорниот за надворешната политика на Унијата Хавиер Солана кој во интервју за виенскиот весник „Ди Пресе“ вели: „Ние порано во Солун им ставивме на повидок европска перспектива на балканските земји и во тоа нема ништо да се промени. Тоа прашање е решено. Ние, се разбира, многу внимателно ќе го набљудуваме развојот на тие земји. По Хрватска, сега Македонија е наредната земја што е кандидат за пристап“.
Во денешниот германски печат, пак, главно, се коментира и вчерашното отворено писмо на канцеларката Ангела Меркел, со кое таа на граѓаните им ги пренесе своите визии и политички цели во Новата Година. Реакциите главно се негативни.
Ландшутер цајтунг пишува:
,, Ангема Меркел не се задоволи со тоа да одржи традиционален новогодишен гоцвор, туку на народот му упати едно патриотско писмо во кое бара земјата да се унапреди со заеднички напори. Во него стои: ,, Ајде да се изненадиме од сето она што е можно да се постигне“ . Но би било убаво кога владата своите граѓани би ги изненадила со доследно спроведување на реформите, наместо да се прават коалициско -политички трачеви, кога одлучно би се намалила бирократијата или трајно би се реформирал здравствениот систем, наместо да се носат решенија само до наредниот легислативен период“, наведува Ландшутер Цајтунг.
Минхенер Абендцајтунг пак се прашува:
,, Дали тоа беше неопходно? Сојузната служба за информирање потроши близу три милиони евра за писмото на канцеларката да се разнесе низ целата земја. Сега останува уште да се сочека нејзиниот новогодишен говор. И тогаш навистина ќе биде доста од приказната. Во Новата Година владата би требало крајно, да почне да зборува за дела“ потенцира Минхенер Абендцајтунг.
Ниту Линебургер Ландесцајтунг не е одушевен од новогодишното писмо на Меркел до граѓаните. Во коментарот стои:
,, Писмото на канцеларката до Германците удира само во главите, но ги промашува срцата. Германскиот претседател Келер претходно и покажа на Меркел како се предизвикуваат чувствата кај луѓето. Додека тој остро ја критикуваше лошата социјална ситуација во земјата, канцеларката се заложи за тоа да се создаде поповолна клима кај претпријатијата. Но стравовите на луѓето не можат да се истераат со апели. Стравовите можат да се потиснат со силни чувства, како што на пример е воодушевувањето,, истакнува Линебургер Ландесцајтунг.