Европскиот дух на единство е утопија
25 јуни 2015Заедничката куќа Европа силно се ниша. И‘ се заканува уривање. Се’ започна со Грција- бајката за заедничка европска валута се претвори во кошмар. Купишта долгови, прекршени ветувања, лажен извештај за билансите на буџетот... Брисел сега се обидува да „склепа“ решенија, но очигледно е дека не е дораснат на ситуацијата и оти, на крајот- е немоќен. Само уште му недостасуваше веста која стигна во вторникот (23.6.): Унгарија тој ден најави дека еднострано ќе ги суспендира т.н. Даблински прописи и тоа на неограничено време.
Овие повеќепати преработувани насоки ја регулираат надлежноста на потписниците во постапката за одлучување за доделувањето азил. А се потпишаа сите членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. На прв поглед, тука ништо не е спорно. Но проблем е што, според начинот на кој оваа постапка е регулирана, некои земји поради својата географска положба на работ на ЕУ мораат да преземат поголем товар од останатите. Даблинските прописи во себе не содржат некаков механизам на солидарност - меѓу останатото и поради тоа што досега го одбиваа богатите и влијателните членки како Германија.
Недопустливо
Кога очајните луѓе од Сирија и од Африка ќе стигнат во Европа, тие мораат да поднесат барање за азил во земјата-членка на Унијата во која прво влегле. Ако продолжат да патуваат понатаму, во други челнки на ЕУ, и таму ги фатат, мораат да бидат вратени во земјата во која прво влегле. Резултатот на тој пропис се преполни бегалски кампови во Италија и во Шпанија. Унгарската влада се плаши оти ќе мора да прими назад повеќ од десетина илјади бегалци кои преку Србија влегле во Унгарија и продолжиле понатаму во други земји на западот на Европа. И се брани од таа процедура. Но начинот на кој Будимпешта имаше намера да го суспендира овој пропис е во целост погрешен.
Точно е дека недостасува солидарност, но за тоа треба да се разговара. До каде ќе се стигне ако секоја членка на ЕУ ги укинува постоечките прописи кога и како сака? А е е првпат Унгарија со својот популистички премиер Виктор Орбан да се движи по чудна линија. Од Орбан потекнува и бизарната идеја за „нелиберална демократија“, како и налогот на границата со Србија да се подигне ограда висока 4 метри која би требало да ја запре реката бегалци. Истовремено, тој внатре во обединета Европа на глас сонува за Голема Унгарија и притоа не се плаши од какви било последици.
Единство?
Нема сомнеж во тоа дека земјите како Грција и Унгарија ја слабеат ЕУ. Но тие не се единствени. Тука е и Романија, во која веќе добри три години на власт е гладниот премиер Виктор Понта и мнозинството во парламентот кое тој го контролира. Тие постојано се обидуваат да го блокираат правосудството и да ја онеспособат правната држава. И Бугарија одамна подигна ѕидови против бегалците, исто како и Шпанија.
Очигледно е оти Брисел сега конечно удри со тупаница на маса и дека Будимпешта попушти под неговиот притисок. Беше крајно време за да не се дозволи да настане преседан. Сепак, се чини оти ЕУ се’ повеќе се претвора во клуб на муабетење, клуб во кој се договараат и носат илјадници прописи на кои подоцна се придржуваат се’ помалку членови. Поинаку го замислувавме европското единство.