1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа чека насоки од Берлин

Жанет Зајферт/Б. Георгиевски28 ноември 2013

Договорот за коалицирање меѓу ЦДУ и СПД во Германија, генерално наиде на позитивни реакции низ Европа. Сепак, не секаде нивниот коалициски договор наидува на одобрување.

https://p.dw.com/p/1APn7
Фотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP/Getty Images

Европските берзи позитивно реагираа на склучениот коалициски договор во Германија. Курсот на eврото забележа благ пораст, исто како и Еуростокс50, најважниот европски индекс. Причината за тоа не е во содржината на коалицискиот договор, туку повеќе во самиот факт што СПД, ЦДУ и ЦСУ конечно се договорија за формирање заедничка влада.

Измачувачки долго траеја преговорите за новата влада, а во истиот тој период речиси сите важни одлуки на европско ниво беа ставени „под мраз“.

За Грците истата задача, за Турците истиот проблем

Коалицискиот договор од 185 страници сега конечно е на маса, а за земји како Грција најважен е делот во кој се предлагаат мерки и политики за европската должничка криза. Директна финансиска помош и во иднина ќе има само кога задолжените држави ќе се согласат да спроведат стриктни реформски и мерки за штедење.

Dimitrios Droutsas
Димитрис ДруцасФотографија: AP

Грчката влада, оттука, нема од што да биде задоволна, смета Илиас Кацулис, политиколог на Универзитетот во Атина. „Имам впечаток дека овде постоеше надеж оти СПД ќе се заложи против европската политика на штедење“. Тоа му е јасно и на Димитрис Друцас, поранешниот шеф на дипломатијата кој денес е пратеник во Европскиот парламент. „Штедење, штедење, штедење“, е неговото очекување за старо-новата девиза на германската влада.

Една од контроверзните одлуки во новиот коалициски договор е и решението за двојното државјанство. Децата на имигранти родени во Германија во иднина ќе можат да добијат и државјанство од матичната земја, но правилото нема да важи за постарите доселеници. Од измените ќе бидат погодени германските граѓани со турско потекло. За нив тоа ќе биде еден голем чекор напред, смета Емре Ѓонен социолог од Универзитетот Билги во Истанбул. Но во Турција тоа не е голема тема.

Doppelte Staatsbürgerschaft
Турците ќе имаат можност за двојно државјанствоФотографија: picture-alliance/dpa

„Ангела Меркел останува канцелар - тоа е единственото важно за Турција. Турските медиуми знаат дека Меркел не сака да ја види Турција во ЕУ и затоа постои мала надеж дека патот на Турција ќе и биде отворен сѐ додека е таа канцелар“, вели Ѓонен.

Делот кој се однесува на проширувањето на ЕУ во коалицискиот договор не е многу јасен: се зборува за процес „со отворен крај“. Турскиот социолог очекува позитивно влијание од СПД. „Се сеќавам дека при последната голема коалиција во 2005. германската политика кон Турција беше далеку пофлексибилна, за разлика од онаа на црно-жолтата коалиција“, вели социологот.

Русија задоволна, Холандија - лута

Русија може да биде задоволна од изгледот на новиот коалициски договор, во кој цела една глава е посветена на економските и политичките односи меѓу Берлин, Брисел и Москва.

Bundeskanzler Gerhard Schröder (r) und der russische Präsident Wladimir Putin
Поранешниот канцелар Герхард Шредер и Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

Според Владислав Белов од Европа Институтот на Руската академија за науки, добрата вест е што во владата ќе учествува и СПД. „СПД е сигурен партнер на Русија, слично како и ЦДУ. Тоа го покажаа и претходните големи коалиции. Поранешниот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер и Ангела Меркел, тоа се политичари кои имаат големо разбирање за Русија“.

Во соседна Холандија се најмногу разочарани од најавата за воведување патарини за странци на германските автопатишта од 2014 година. „Откако Берлин одлучи да ги молзе своите европски соседи, голема е опасноста дека цела Европа ќе ја зафати бран од патарини“, коментира весникот „Де Телеграф“.