Европа потфрли во БиХ
12 ноември 2010За разлика од многумина во Германија кои мислат дека исламот е исклучива религија и го доживуваат како закана за западните вредности, претседателот на Партијата на Зелените Џем Ездемир, кој има турско потекло, е свесен дека постои и друга традиција на исламот. Таа традиција се одликува со толерантност кон другите, прифаќање на мултикултурно општество, па дури и на секуларизмот, истакнува Ездемир, претседател на германска политичка партија, која според анкетите е втора по бројот на приврзаници.
Наклонетост кон Западот
Таков ислам Европа бара веќе одамна, но тој е веќе дел од европската традиција:
„Начинот на практикување на исламот порано во БиХ, и воопшто во поранешна Југославија, тоа е оној ислам за кој зборуваат многумина во Европа.“
Притоа, не смее да се заборават случувањата на тоа подрачје во изминатите 20 години, додава Ездемир, кој има шанси да стане и наредниот германски министер за надворешни работи. Со оглед на војната и на бројните искушенија и разочарувања на босанско-херцеговските муслимани, не треба да изненадува делумната радикализација на тамошниот ислам, вели Ездемир. Тој потсетува:
„Tие муслимани не беа наклонети ни кон Саудиска Арабија, ниту кон Техеран. Нивниот поглед беше вперен кон Берлин, Париз, Лондон, Брисел, и сметаа дека таму се нивните браќа и сестри. Тие се повикуаа на традицијата на просветителството, на вредностите од Француската револуција. Православните и католичките христијани, исто како и Евреите, потомците на некогашните Маури, тие ги сметаат за свои браќа и сестри.“
Европа има двојни мерила
Но, во случајот со БиХ, Европа покажа дека има двојни мерила, вели Ездемир:
„Човековите права на муслиманите во БиХ за многумина очигледно не беа толку важни како човековите права на христијаните. Така е и денес. Погледнете ја Чеченија и тамошните злосторства врз, претежно, муслиманското население, и видете колкаво внимание предизвикуваат во јавноста. Сметам дека треба да ги штитиме сите човекови права. Не постојат човекови права од прв, втор или трет ред.“
Самиот Ездемир важи за примерен Германец со мигрантско потекло и за пример за успешна интеграција. Роден е во Германија како син на турски гастарбајтери, дури на 18 годишна возраст дефинитивно се одлучил за германско државјанство, а денес е претседател на партијата, која според анкетите има поддршка од 24 отсто од Германците.
Исламот е дел од Германија
Тој никогаш не го криел своето муслиманско потекло и целосно се согласува со изјавата на германскиот претседател Кристијан Вулф дека исламот е дел од Германија:
„Таа реченица ја сфаќам така како што е кажана, имено дека муслиманите во меѓувреме исто така станаа дел од германското општество. Но, муслиманите не се нешто единствено, исто како што не се ни христијаните. Имаме народен ислам, во исламот има различни правци, има религиозни и нерелигиозни муслимани, како и атеистички муслимани. Сето тоа е дел од Сојузна Република Германија.“
Поради тоа Ездемир не се согласува со тезата на канцеларката Ангела Меркел, дека во Германија пропаднал концептот за мултикултурно општество. Според него, тоа не подразбира постоење на паралелни општетсва во некоја земја, кои немаат меѓусебна комуникација.
„Јас тоа го разбирам во англосаксонска смисла, како во Соединетите Американдски Држави или во Канада. Тоа е опис на фактот дека живееме во плуралистичко општетсво и дека поминаа времињата кога некој мораше да крие дека е хомосексуалец, или дека живее во вонбрачна заедница. Тоа е за мене мулти-култи. Тоа е едноставно опис на Германија во која луѓето имаат различно потекло, различни определби и мислења“, вели за Дојче веле претседателот на Партијата на Зелените Џем Ездемир.
Автор: Зоран Арбутина / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска