Европа во опасност, времето истекува
9 октомври 2015
Полека, пребавно, мерките против бегалската криза во Европа добиваат контури. Министрите за внатрешни работи во Луксембург дадоа зелено светло за распределба на бегалците според фиксен клуч. Тоа е провизорно решение- на трајното ќе мора уште да причекаме. Италија и Грција дури сега почнуваат со изградбата на поголеми прифатни центри. Границите на ЕУ ќе бидат уште поконтролирани; се води борба против либиските трговци со луѓе; оние чии барања за азил се одбиени треба да бидат вратени дома; министрите за надворешни работи разговараат со Турција за подобра соработка за да се сопре реката бегалци уште на самиот извор.
Многу разумни проекти. Но, сите се во почетниот стадиум, а на ЕУ и истекува времето.
Може да се случи и реалноста да ја претрка бавната ЕУ и нејзините мерки. Секојдневно илјадници луѓе доаѓаат до нејзините надворешни граници и го продолжуваат патот преку Балканот или Италија кон средна Европа и пред сѐ Германија. Би можеле да минат и месеци пред мерките на ЕУ да вродат со плод и ја исполнат целта, а тоа е намалување на бројот на баратели на азил. Дали земјите кои примаат најмногу бегалци ќе издржат толку долго? Или баварците ќе ги загубат нервите и ќе ја затворат границата со Австрија?
Германија-заложник на сопствената политика
Тоа би предизвикало верижна реакција на „балканската рута“. Системот на принципиелно отворени граници, колку и да делува хаотично, ќе функционира само додека Германија ги прифаќа бегалците. Кога Германија би ги затворила бегалците, илјадници бегалци би останале заглавени. Тензиите меѓу Србија и Хрватска, на пример, кои во моментов се контролираат со големи напори, би можеле да експлодираат за само неколку дена. Германската канцеларка не би можела да каже: ние тоа повеќе не можеме да го постигнеме. Таа е заложник на сопствената политика и да мора да го издржи притистокот. Инаку во Европа ќе избие судир кој повеќе нема да може да се контролира: Австрија против Унгарија. Унгарија против Србија. Македонија против Грција. А бегалците во уште поголем обем од досега ќе станат фигури на шаховската табла на националните интереси.
Дипломатите под притисок
Борбата против причините за бегството, за која толку говорат министрите за внатрешни и надворешни работи на ЕУ, е непходна, исто како и мирното решение за Сирија. Но, таа се води со години, а успех нема, ни во Африка, ни во Авганистан, ни во Ирак. А време нема. Бегалците доаѓаат сега, тука и денес. Дипломатите на ЕУ се под голем притисок.
Поради тоа сега се подготвени и на отстапки. Турција скапо ќе ја наплати својата соработка. И Русија ќе се обиде да извлече за себе најмногу што може од решението на судирот во Сирија.
ЕУ и нејзините членки сега ја плаќаат цената за тоа што го години избегнуваа да поведат заедничка и разумна политика во однос на азилантите и бегалците. Илегалната миграција од балканските земји предолго беше толерирана. Можностите за легално доселување не беа создадени. Даблинскиот договор- концептот на држење на бегалците на надворешните граници или по можност во трети земји, во реалноста достигна апсурдни граници. ЕУ предолго го прифаќаше тоа што Грција и Италија (а претходно и Шпанија) едноставно ги игнорираа правилата.
Даблинскиот договор веќе долго е мртов- крајно време е за нов систем на азил. Хаосот на кој сега ЕУ се жали, е хаос со најава. Времето тече.