1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврозоната може и без Грција?

Б. Георгиевски/афп/дпа/ртр5 јануари 2015

Грција надвор од еврозоната? Таа тема долго време беше табу. Но, стравот полека како да исчезнува и во германската влада. Берлин сега смета дека може да се справи со излезот на Грција

https://p.dw.com/p/1EF3A
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада сака Грција да остане во еврозоната и не постојат резервни планови доколку тоа не се случи, изјави германскиот вицеканцелар и министер за економија Зигмар Габриел. Габриел е првиот високо рангиран германски политичар кој отворено ги коментираше гласините во германскиот печат кои говорат во прилог на излез на Грција од заедничката европска монетарна унија.

„Целта на германската влада, ЕУ, па и на владата во Атина е Грција да остане во еврозоната“, изјави Габриел за весникот Хановерше Алгемајне Цајтунг. „Нема поинакви планови. Затоа никој не може да не уценува и очекуваме грчката влада, без разлика кој ќе ја предводи, да ги почитува постигнатите договори со ЕУ“, рече Габриел.

Намалена опасност

Дебатата за можниот излез на Грција од еврозоната во Германија се разгоре викендов откако магазинот Шпигел објави дека владата во Берлин го сменила ставот и смета дека еврозоната може да се справи со евентуален излез на Грција од еврозоната или ткн. „Грекзит“. Шпигел пишува дека владата го смета грчкото напуштање на еврозоната за неодминливо доколку левичарската партија Сириза победи на предвремените парламентарни избори во Грција. Оваа партија најавува дека ќе им стави крај на мерките за штедење и ќе ја откаже исплатата на дел од грчкиот долг.

Alexis Tsipras
Лидерот на Сириза, Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/Juan Medina

Според информациите на весникот Хамбургер Блат, канцеларката Ангела Меркел и министерот за финансии Волфганг Шојбле сметаат дека еврозоната може да го преживее заминувањето на Грција. Иако официјално, во владата во Берлин велат дека нема промена на досегашниот курс, сепак, поголема група политичари од двете владејачки партии ЦДУ и СПД, сметаат дека денешната ситуација е далеку поинаква од онаа во 2012 година, кога евентуалниот излез на Грција од еврозоната предизвикуваше голем страв. Денес постојат мерки и механизми, како што е Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ) преку кој државите во неволја можат да добијат и до 500 милијарди евра помош. Притоа, и опасноста за земји како Португалија и Ирска веќе не е толку голема.

Инсценирана дебата

Сепак, економските експерти предупредуваат од непресметани ризици. „Сите ние сметаме дека излезот ќе биде издржлив, но никој не знае со сигурност“, предупредува главниот економист на Нордеа банката, Холгер Занте. „Центрифугалните сили во Европа би можеле да се засилат, па и други европски земји да излезат“, вели тој.

Шпекулациите околу можниот излез на Грција предизвикаа и критики на сметка на владата во Берлин. Партијата на Левицата ја обвини владата дека на овој начин врши притисок и свесно ја дестабилизира Грција. „Германската влада со оваа целна индискретност лансира една бомба, која може да ја ескалира кризата во Атина“, вели шефот на Левицата, Бернд Риксингер. Во сличен тон и втората голема опозициска партија- Зелените, оцени дека целата дебата околу можниот излез на Грција од еврозоната е несоодветна.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема