Еврејски игри во земјата на холокаустот
28 јули 2015Организацискиот комитет на Макабијада на берлинската железничка станица Глајсдрајек личи на судентски дом. Од 15 вработени само тројца имаат постојано работно место, а останатите се приправници или волонтери. Никој во канцеларијата не е постар од 35 години. На ѕидовите се наоѓаат распореди на натпревари, временски планови и програми на настани. „Се радуваме на големата спортска приредба“, вели главниот организатор Орен Остерер. „Сакаме да покажеме дека еврејскиот живот во Германија се подразбира сам по себе. Сакаме отворени игри. Ние сме жив дел од заедницата.“ Тројца од 15 вработени се Евреи.
Германскиот претседател Јоахим Гаук во вторник вечер на берлинската летна сцена Валдбине ќе ја отвори најголемата еврејска манифестација во Европа: Макабијада. Овој спортски натпревар за првпат гостува во Германија. Дури 2.300 еврејски спортисти од 36 земји ќе се натпреваруваат на Олимпискиот стадион, на кој во 1936 година му се аплаудираше на режимот на Хитлер. Клаус Бегер, претседател на покраинскиот спортски сојуз на Берлин, Игрите од општествена и политичка перспектива ги оцени како поважни од финалето на фудбалската Лига на шампиони.
Берлин како почеток
Макабијада се враќа на своите корени: во 1898. година во Берлин е основано првото германско-еврејско спортско друштво, наречено по Бар Кохби, бунтовник од времето на Римското Царство. Клубот беше зачеток на еврејското спортско движење. Евреите во Европа основаа здруженија, бидејќи во граѓанските спортски клубови ретко беа добредојдени. Докторот Макс Нордаи на Ционистичкиот конгрес го смисли терминот „мускулест Евреј“. Спорт со цел јакнење за изградба на татковината Палестина. Во 1932. година во британската мандатна област е одржана првата Макабијада. Средиштето на Светскиот еврејски сојуз долго беше во Берлин.
„Историската симболика игра важна улога“, објаснува историчарот Моше Цимерман од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, кој со децении се занимава со политичката заднина на спортот. „Кога Евреите беа мускулести силни херои? За време на Макабејците.“ Во вториот век пред Новата ера борецот за слобода Јуда Макабејски својот народ го поведе во борба против Селеукидите кои од Евреите бараа да се откажат од својата вера. И победи. „Така во колективното сеќавање остана како херојски војсководец.“ Во 1935. година 134 германски Евреи против волја на нацистите отидоа на втората Макабијада. Некои од нив не се вратија и така го преживејаа холокаустот.
Скептични кон Германија
Во средината на 60-тите години макабејското движење во Германија повторно заживеа, а најголем раст бележи во 90-тите години. Илјадници Евреи од поранешниот Советски Сојуз тогаш емигрираа во Германија. Макаби Германија- асоцијација на еврејските спортски клубови во земјата- им помогна во интеграцијата. Денес ширум Германија постојат 37 месни здруженија кои бројат над 4.000 активни членови. Ја негуваат еврејската култура, но верата не е во прв план. Макабејското движење во Германија е отворено и за христијаните, муслиманите и атеистите.
Но има и скептици. Гидеон Остерер, таткото на главниот организатор на Макабијадата, е соосновач на здружението Макаби Келн и со години беше претседател на асоцијацијата Макаби Германија. Овој 72-годишник вели: „На почетокот бев против тоа Игрите да се одржат во Германија. Многумина мои колеги од асоцијациите во другите земји и натаму не разбираат како Евреите воопшто можат да живеат во Германија, а не тука да организираат ваква весела манифестација.“ Сомнежот на Остерер се покажа како оправдан бидејќи ниту една голема компанија не сакала да ги спонзорира Игрите со поголема сума пари.
Отворање кон општеството
Гидеон Остерер во меѓувреме го промени мислењето. Ја искуси полетта на младите организатори. Тие натпреварот со задоволство би го отвориле и за оние кои не се Евреи, но Еврејскиот сојуз тоа не го дозволува. Наместо тоа, во Берлин ќе има други спортски средби: така фудбалерите на здружението Макаби ќе одиграат пријателски натпревар против поранешните германски репрезентативци, а кошаркарите против екипата Алба од Берлин.
Младите учесници на натпреварот ќе го посетат поранешниот концентрационен логор Заксенхаузен. За функционерите ќе биде организиран прием во Министерството за надворешни работи, а за спортистите разгледување на градот и забава - но првенствено натпреварувања. Здруженијата Макаби сакаат да го искористат спортот за да станат поотворени, а притоа да не ги заборават своите корени.