1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ебола: Штрајкот во болниците ја поларизира Либерија

Јулиус Канубах/Филип Занднер/Жана Ацеска15 октомври 2014

Либериските лекари и болничари во борбата против еболата секојдневно ги ризикуваат своите животи. Тие бараат подобра заштита. Нивниот синдикат повика на штрајк и со тоа предизвика контроверзна дебата.

https://p.dw.com/p/1DVyu
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Штрајкот на болничкиот персонал во Либерија, земјата потресувана од тешката криза со епидемија на ебола, предизвикува незадоволство. Националниот сојуз на вработените во здравството ги повика негувателите на заболените од ебола да прекинат со работа. Платата и заштитата на овој болнички персонал не се во сооднос со смртната опасност на која тие секојдневно се изложени, гласи образложението. Но, и самиот повик наиде на критика дури и во редовите на болничарите и членови на сојузот, од кои некои ја продолжија својата работа.

Западноафриканската Либерија е најтешко погодена земја од епидемијата на ебола. Смртоносниот вирус одзеде над 2300 човечки животи во изминатите месеци. Посебно загрозени се вработените во болниците и здравствените центри, истакнува шефот на Сојузот, Џорџ По Вилијамс.

„Очигледна е недоволната заштита на соработниците во борбата против еболата. Некои од нив се мртви, нивните блиски не добиваат никаква подршка од владата“, изјави тој за Дојче веле.

Во понеделникот (13.10.2014), Вилијамсон повика на национален штрајк. Неговото барање гласи-подобра заштита на соработниците и зголемување на додатоците за изложеност на опасност од сегашните 500 на 700 американски долари.

Redemption Hospital in Monrovia
Болниците во Монровија се преоптоварениФотографија: picture-alliance/dpa

Огорчено население

Повикот за штрајк дојде во време кога либериските болници се безнадежно преотоварени со згрижувањето на болните од ебола. Здравствениот систем уште пред избивањето на епидемијата се сметаше за еден од најлошите во регионот. Според една статистика на ОН, во Либерија во просек има еден лекар на 100.000 жители. Соодветно на тоа, граѓаните на главниот град Монровија реагираат огорчено.

„Уште сега се наоѓаме во ситуација во која нема места за заболените во болниците“, вели еден минувач за Дојче веле. Тој стравува од зголемување на бројот на починатите поради штрајкот. Една друга минувачка укажува на Хипократовата заклетва на медицинарите.

„Мислам дека сега треба да ја спроведат заклетвата“.

Ebola Isolierstation
Карантин станица за пациенти со еболаФотографија: Zoom Dosso/AFP/Getty Images

Ова мислење го делат и болничари. Џејмс Габат на пример решил, и покрај сите проблеми, да продолжи да работи во болницата Редемптон, во густо населениот кварт на Монровија, која располага со свој специјализиран центар за третман на ебола.

„Јас сум овде зашто моите браќа и сестри умираат. Ние не можеме едноставно да го критикуваме ставот на владата кон болничкиот персонал и да ги оставиме нашите сонародници овде да умираат“, вели Габат за Дојче веле.

Разбирање и критика

Неразбирање кон повикот за штрајк покажа и министерот за здравство Валтер Гвенигале. Болничарите се подготвени да „ги остават на цедило своите сонародници за неколку долари“, вели тој за Дојче веле.

Anthony Banbury, Vorsitzender der UNO-Sondermission UNMEER
Антони БенбариФотографија: imago/Xinhua

Разбирање за болничкиот пресонал напротив има Антони Бенбари, раководител на мисијата на ОН за борба против еболата. Доколку се почитува повикот на штрајк, тоа би имало катастрофални последици во борбата против еболата, вели тој. Но, меѓународната заедница има обврска да се погрижи да бидат платени оние кои стојат во првата линија на фронтот на борбата против болеста.

„Тоа е минималното што можеме да го направиме. Исто како и тоа да обезбедиме тие да добијат неопходна опрема за да се заштитат при работата“, вели тој. Мисијата на ОН од своја страна се труди да обезбеди соодветно плаќање не само за соработниците во здравствените служби, туку и за погребниците, вели Бенбари за Дојче веле.

Либериската мрежа за поддршка на здравството, собир на новинарите кои известуваат за здравството, во понеделникот за приватниот весник „Дејли Обзервер“ истакна дека ја цени работата на болничкиот персонал. Но, до решение нема да се дојде преку штрајк, туку преку дијалог со владата, изјави координаторот на групата, Виктор Ши.