1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дрим-тимот“ на Штајнмајер

30 јули 2009

Франк-Валтер Штајнмајер, кандидат на СПД за иден канцелар на Германија, денеска (30.07.2009) го претстави тимот за изборите за Бундестагот, што ќе се одржат на 27 септември. Во таа „влада во сенка“ има 10 жени и 8 мажи.

https://p.dw.com/p/J0F9
Штајнмајер со својот тим најавува жешка изборна борбаФотографија: picture-alliance/ dpa

Во изборниот тим на Франк-Валтер Штајнмајер се сите актуелни социјалдемократски министри, со исклучок на Ула Шмит, која го води ресорот здравство.

„Тука се многумина сојузни министри, кои во изминатите години успешно работеа во владата. Но, изборот пред се’ симболизира динамика и нов почеток, тука се и нови лица“, најави Штајнмајер уште пред денеска да го обелодени својот тим.

Местото на Ула Шмит, која деновиве се најде во центарот на вниманието поради користењето службен автомобил за време на одморот во Шпанија, кој прво беше украден, па потоа пронајден, засега останува непополнето.

„За мене е важно Социјалдемократската партија да е силна, Франк-Валтер Штајнмајер да биде канцелар на републикава и јас ќе сторам се’ оваа кампања против мене да не се одрази негативно на предизборната кампања на СПД“, рече Ула Шмит.

Ulla Schmidts Dienstwagen weg
Ула Шмит: „Ќе сторам се’ оваа кампања против мене да не се одрази негативно на предизборната кампања на СПД“Фотографија: AP

Штајнмајер предлага жена за министер за одбрана

Во изборот на Штајнмајер се и Андреа Налес, која е потпретседател на партијата, потоа генералниот секретар Хубертус Хајл, како и повеќемина актуелни пратеници во Бундестагот. Но, има и луѓе кои досега не беа активни во политиката. Најмлад член на изборниот тим е 35-годишната Мануела Швезих, покраински министер за социјални прашања на Мекленбург - Предна Померанија, чија идна надлежност би требало да бидат прашањата на семејството. Занимливо е дека социјалдемократите за прв пат предвидуваат жена за ресорот одбрана - тоа е Улрике Мертен. Пер Штајнбрик, покрај финансиите, треба да биде одговорен и за стопанството.

„Не сакаме едноставно да продолжиме натаму како и досега. Сакаме нов почеток кон подобро. Кон тоа е насочена нашата програма и мојот тим“, рече денеска Франк-Валтер Штајнмајер, по партиската средба во Потсдам, каде беше конечно утврден изборниот тим. Тој ги нагласи аспирациите на неговата партија да го даде идниот канцелар.

Но, во сите анкети на осум недели пред изборите, социјалдемократите далеку заостануваат зад партиите на Унијата - ЦДУ/ЦСУ.

Автор: ЗЈ/ГЧ/дпа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска