Државата не смее да биде претворена во стадион
11 јули 2018Со години трибините над зелениот терен се оставени да бидат регрутен центар, но не за навивачки групи кои во своите редови ќе го негуваат мотото за фер-плеј што е иманентно на нивните идоли на теренот, туку за сѐ што е антипод на тоа. Сликата е шаренолика: нереди, тепачки, судири со полицијата, ривалитет одбележан со навреди и говор на омраза, небаре се работи за битка на живот и смрт, а не за бодрење на тимови на спортски натпревар.
Со години тие млади се оставени непречено да ја изместуваат и трасираат нивната улога и надвор од спортските терени, па веќе изградија солидна перцепција за себе дека се важен столб и на политичкиот и верскиот терен: бранители на етничкото, на идентитетот, чувари на верите и на херојските традициии, сила која држата мора да ја има предвид и да смета на нејзините „услуги“.
Со години се мижи пред ваквиот начин на кој тие си присвојуваат улоги и задачи кои немаат никаква врска со спортот и навивањето, сѐ додека не се случи некое „Кале“, меѓуетничка тепачка, хулиганство, насилство со смртни последици... „Загриженоста“ од фактот дека наместо пацификација во тие редови се случува радикализација, како и секое „чудо“ трае до три дена, додека не помине бурата. Потоа сѐ си останува исто, до следниот проблем, кога повторно сите лицемерно прашуваат: каде затаија општество, семејството, образовниот процес..? Со тоа само потврдуваат дека никој не бил доволно искрен во оваа приказна. Сите затаија во демагогија и непостапување пред ваквите појави.
По смртта на младиот Никола Саздовски, се множат обвинувања за „политички заштитетни лица“, често и од адреси кои со години немаа ништо против навивачиките групи да функционираат и како неформален „политички фактор“, како релевантна политичка и идеолошка придружба на партии и „патриотски“ организации.
Повеќе: Денеска клучното сведоштво за нападот врз Николa Саздовски
Дури и кога било осудувано нивното однесување, тоа било сведено само на осуда на поединечни асоцијални и насилнички испади, на кои полицијата и судството треба да им застанат на патот. Но никогаш не била посочена и осудена политичката и идеолошката позадина, кои полека се претвораа во поглавна оперативна платформа од спортско-навивачката. За неа никој не се осмели да потроши зборови, а камоли нешто повеќе од тоа - превентивна акција, едукација и.т.н.
Резултатот од тоа е што денес имаме навивачи кои во своите етнички заедници се самопретставуваат и дејствуваат како еден вид етичка и верска полиција, армија од гневни праведници и морални чистачи, со пароли за „чисти држави“, за одбрана на својата вера, за „смрт на душманите“, при што на меѓуетнички план душманите најчесто се „каури“ или „шиптари“.
Симптомите на тој латентен и нерешен конфликт се насекаде околу нас. Анатомијата на омразата покажува дека е наивно да се верува во бавна еволуција на нејзиното исчезнување. Омразата сама нема да исчезне, бидејќи има заинтересирани таа да се одржи на соодветна идеолошка кота и таму да се храни со квазипатриотски митови. Целта е ваквата „навивачка мисија“ да собере што повеќе следбеници и да се рефлектира што поексплозивна енергија во потпалувањето на страстите за таргетираните цели. Ваков облик на идентификациска матрица, не може, а да не го загрози функционирањето на целото општество.
Повеќе: Како младите да се „излечат“ од хулиганство?
Токму затоа, работа на политичарите не е само да изразат сочувство испратено од Лондон (Заев), или да соблечат дрес (Мицкоски) и да го остават до фотографијата на убиеното момче. Без дела, сочувствата се празни зборови. Обврска на политичарите е да заиграат во „дресови“ во кои ќе покажат дека навистина сакаат да ги демаскираат и откријат причините за антагонизмите, дека ги осудуваат, дека нема да ги поддржуваат навивачките страсти кои преминуваат во насилства, одмазди и ривалитети, ниту на спортски, а уште помалку на други терени. Во спротивно, ќе потврдат дека сметаат токму на такви групи како придружен ресурс и логистика на нивните политики. Задача на политиката не е да мижи и молчи пред конфликтите, туку да води кон нивно разрешување. Тоа е вистинската насока за да се живее еманципирано и релаксирано во едно мултиетничко општество. Тоа е обврска и на сите други активни чинители во општетвото - граѓански организации, медиуми, споретски работници. Државата не смее да биде претворена во стадион, а политика во навивање кое ќе носи потенцијално погубни последици.
Облекувањето дрес против насилството, ќе значи крај за нови мотиви за омраза и крај на спиралата на конфликти. Шансата ја имаат сите, и наскоро ќе видиме дали ќе се одважат да го сторат тоа. Само така ќе покажат колку жалат за прерано згаснатиот живот на Никола Саздовски, и колку се навистина подготвени да работат на општествената кохезија, со цел вакви трагедии повеќе да не се случуваат.