1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматично опаѓање на поддршката за членство во ЕУ

20 април 2011

Во првите анкети по пресудата во Хаг за генералите Готовина и Маркач поддршката на хрватското население за зачленување на земјата во ЕУ опадна на само 35 проценти. Се враќа ли Хрватска во минатото?

https://p.dw.com/p/10w8j
Фотографија: Alen Legovic

Покрај драматичниот пад на поддршката за членство на Хрватска во Европската унија последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека дури 80 насто од граѓаните на Хрватска не ја прифаќаат оценката дека поранешниот претседател Фрањо Туѓман бил на чело на здружениот злосторнички потфат чија цел била протерување на хрватските Срби. По зовривањето на страстите во Хрватска се поставува и прашањето можат ли хашките пресуди да ја запрат нормализацијата на односите во регионот.

Високите казни за генералите Анте Готовина и Младен Маркач се главна причина за тоа што хашкиот процес не доведе до соочување на хрватските граѓани со злосторствата кои навистина се случиле за време и по операцијата „Бура“, туку до нивно целосно негирање, смета професорот по филозофија на политиката Жарко Пуховски. Според него целиот концепт за судење на воените злосторства со тоа доживеа неуспех.

Хрватскиот генерал Анте Готовина пред Трибуналот во Хаг
Хрватскиот генерал Анте Готовина пред Трибуналот во ХагФотографија: AP

Сега следува награда?

Политичкиот аналитичар, Вишеслав Раос верува дека расположението на хрватските граѓани до евентуалниот референдум за пристапот кон ЕУ ќе се промени во однос на актуелните поразителни анкети, особено ако им се објасни дека Хрватска како постојана членка на ЕУ би била значително посилна, така што полесно меѓу другото ќе докажува и поединечни правни прашања: на пример анулирањето на историската неправда од Хаг, како што некои политичари во земјата ја нарекоа пресудата за генералите Готовина и Маркач.

Но, други политичари и аналитичари во земјата ја повикаа ЕУ да и помогне на Хрватска, која како што рече претседателот на опозициската Социјалдемократска партија Зоран Милановиќ неоправдано долго чека на членство. Некои медиуми шпекулираат дека Хрватска веќе во јуни би можела да добие датум за завршување на преговорите како своевидна компензација за хашката пресуда, но и за замолчување на радикалната десница во земјата.

Генералот Младен Маркач во судницата во Хаг
Генералот Младен Маркач во судницата во ХагФотографија: dapd

„Повторно се манипулира“

Коментаторот Давор Бутковиќ се надева дека секој разумен политичар во сериозните европски држави не сака со Хрватска повторно да завладеат националистичките политички тенденции, кои потоа би му се спротиставиле на доминантниот национализам во Србија, додека меѓу националистичка Хрватска и радикално националистичка Србија би се нашла Босна и Херцеговина во процес на распаѓање.

Како одговор на ваквата ситуација на зовриени емоции, професорот по компаративна политика Дамир Грубиша сугерира внимателно и трезвено читање на пресудата...

„А не да се користи и да се манипулира со таа пресуда за да се создадат одредени емотивни хипертензии, кои во крајна линија можат да го оштетат и да го влошат имиџот на Хрватска во светот“.

Автор: Гордана Симоновиќ/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски