1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дочекот на Нова година - почеток на нов корона-бран?

28 декември 2020

Додека владата одолговлекува со одлуката, многумина во Србија планираат дочек на Новата година. Епидемиолозите предупредуваат дека ова ќе ги преплави болниците во земјата.

https://p.dw.com/p/3nHGR
Silvester in Serbien
Фотографија: Jelena D. Pejic/DW

На седниците на Кризниот штаб со денови се зборува за новогодишната ноќ, но одлуките за тоа кои правила ќе важат се одложуваат. Според последното соопштение на премиерката Ана Брнабиќ, одлуката ќе биде објавена во вторник (29-ти декември), само два дена пред дочекот.

Марко (вистинското име ѝ е познато на редакцијата) и неговото друштво следат што ќе одлучи владата, но веќе одлучија: изнајмија стан за забава во новогодишната ноќ. „Ние сме во последната година од средното училиште. Ова е последна Нова година што ќе ја поминеме заедно, а порано планиравме да отпатуваме некаде“, вели Марко за ДВ.

„Одамна веќе не се дружиме како порано, веќе сме поделени во групички поради страв од вирус. Затоа, донесовме одлука да најдеме стан преку порталот Букинг за таа вечер, што исто така не беше лесно, зашто многу од нив беа издадени под наем. Нема да бидеме многу, но барем неколкумина ќе бидеме заедно таа ноќ“, вели тој, додавајќи дека некои од неговите пријатели сè уште чекаат родителите да им дозволат да слават.

Така Марко и неговите пријатели ќе влезат во сива зона. Имено, доколку владата не смени нешто драстично, организираните собири на повеќе од пет лица ќе останат забранети. Иако не е јасно дали ова важи за сопствените четири sида, изнајмувањето стан за забава може да се смета за прекршок.

Coronavirus in Serbien Belgrad Ausgangssperre
Во Србија во март имаше полициски час во рамките на мерките за борба против коронавирусотФотографија: Imago Images/Pixsell/S. Ilic

Дваесетгодишна девојка од Белград со нејзиниот партнер ќе го собере друшвото дома. Таа за ДВ вели дека ќе им дојдат само блиски луѓе. „Ние сакаме да се забавуваме и да избегаме од стресот што нѐ снајде. Ги следиме мерките, но не верувам дека ќе бидат построги и тоа сигурно нема да го промени нашиот план. Не веруваме дека некој би нѐ пријавил, ниту се грижиме за доаѓањето на инспекцијата, станот е доволно голем за нас.“

Таа додава дека ќе има вкупно десет пријатели и резорнира вака: со тие  луѓе се гледа секој ден, па ако некој од нив имал корона, тогаш и таа веќе имала.

Сагата за „медицинскиот“ и „економскиот“ дел

Премиерката Ана Брнабиќ ја објасни одлуката дури во вторникот, со изјава дека одлуката ќе биде „навремена“. „Медицинскиот дел се грижи за заштита на здравствениот систем и на здравјето на граѓаните, а јас како премиер и друг, економски дел од кризниот штаб, мора да согледаме и некои други работи, како тие мерки влијаат на економијата“, рече Брнабиќ за Курир ТВ.

Повеќе:

-Србија- трета земја во Европа што започна со корона-вакцинација

-Како информатичарот Ѓуро ја упропасти српската борба против коронавирусот

-Во Србија беснее коронавирусот и врие гневот кај народот

Епидемиологот Предраг Кон на викендот рече дека „медицинскиот дел“ на Кризниот штаб е подготвен да протестира во случај на продолжување на олеснувањето на мерките и оти тој е против организирани прослави на новогодишната ноќ. „Прослава со пеење е целосно неприфатлива и никако не смее да се дозволи“, рече Кон.

Друг член на Кризниот штаб, епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ, се согласува со тоа. Тој за ДВ вели дека новогодишната прослава на која сме навикнати на Србија и' „носи многу проблеми, дури и нов бран“ на епидемија и оти „угостителските објекти мораат да останат како што се“.

Silvester in Serbien
Епидемиологот Бранислав ТиодоровиќФотографија: Jelena D. Pejic/DW

А сега угостителските објекти смеат да работат до 20 часот без музика, па не е тешко да се заклучи дека дочекот на Новата година во нив е невозможен. Бидејќи, дури и во годината на корона, Новата година и натаму почнува по полноќ.

„Ако е во семејни услови, во помали групи, во домаќинства, зошто да не“, вели Тиодоровиќ за ДВ за можностите за дочек. „Може и во хотелите ако се почитуваат мерките и работното време на хотелите, и се почитува дистанца, носење маски во затворен простор и нормално дезинфекција. Тоа евентуално може да добие некаква поддршка.“

Според последните податоци, Србија, покрај Црна Гора, во однос на бројот на население е со далеку највисок број новозаразени во Европа. Покрај тоа, епидемиолозите предупредуваат дека болниците се веќе полни и дека опуштањето за дочекот може да доведе до точка на пукање. „Доволно е еден процент од луѓето да не ги почитуваат мерките и тоа да предизвика нови проблеми. Еден отсто може да произведе илјада дневно во болниците, а тоа е многу. Нашите болници се пренепрегнати“, вели Тиодоровиќ.

Докази од Инстаграм

Тиодоровиќ вели дека е свесен оти и сега некаде се организираат забави. „Меѓутоа, сега сум свесен и за нешто друго: дека сите органи на надзор и контрола сега се многу поподготвени отколку порано и оти ќе реагираат.“

Но, фактите тоа го демантираат. Во неделата само на социјалните мрежи можеа да се видат неколку снимки од белградската населба Дорќол, на кои луѓето ја пренесуваат атмосферата од илегалните забави без никакво почитување на мерките. Како што пренесоа и некои медиуми, забави имало во новиот клуб „Дорќолета“ чиј сопственик е наводно функционерот на Српската напредна партија, Андреј Кесиќ. Иако на снимките се гледа дека гостите блиско разговараат и танцуваат на музика која ечи, порталот ја пренесува изјавата на „директорката на фирмата која ја води овој угостителски објект“, Миња Тројановиќ, која тврди дека се „испочитувани сите епидемиолошки мерки“.

Само стотина метри натаму, со жива музика е прославен роденден, каде меѓу гостите се водитителките Сања Маринковиќ (Пинк), Миња Малетиќ (Н1) и Весна Дедиќ (Нова С). Маринковиќ на Инстаграм напиша „мала забава никому не штети“ и ги нарече гостите „ковид елита“. Милетиќ подоцна на оваа социјална мрежа напиша дека е „направен пропуст“.

Не е познато дали инспекциите и полицијата реагирале во овие случаи, но, според пишувањето на медиумите, реагирале во некои други. Само во саботата во Белград се затворени 3 локали. Јавна тајна е дека илегални забави се одржуваат до раните утрински часови.

За тоа време, многу угостители од Ниш строго ги почитуваат мерките. Додека некои ресторани работат до 17 или до 20 часот, многу се затворени бидејќи се наменети за голем број гости, па доколку работат со намален капацитет, прават големи загуби. Хотелите не планираат да организираат дочек на Новата година, иако тогаш вообичаено се полни и привлекуваат гости од Бугарија.

„Кај нас обично веќе во април се закажува за Нова година, а и оваа година имавме хотели издадени на бугарска агенција“, вели Иван Спасиќ, сопственик на два хотели во Ниш. „Но, со оглед на овие мерки, ние ги откажавме овие резервации. Дури и ако владата дозволи организирање на прослави, ние како компанија одлучивме да не организираме дочек на Новата година од безбедносни причини, не само поради нашите вработени, туку и поради гостите. На Букинг огласивме сместувачки капацитети само за индивидуални гости и посетители.“