1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доцна е за лустрација во Хрватска

Синиша Богданиќ/Б. Георгиевски3 јуни 2014

Со испорачувањето на шефовите на југословенските тајни служби во Германија, во Хрватска повторно се гласни барањата за лустрација.Некои сметаат дека таа е нужна, а дел мислат дека со тоа само би се продлабочиле поделбите

https://p.dw.com/p/1CAyT
Фотографија: picture alliance/dpa

Лустрацијата е непопуларна тема како меѓу правните експерти, така и меѓу политичарите во Хрватска. Оние кои ја бараа во 90-те години, а во меѓувреме се откажаа од политичката кариера, сега велат дека „тој брод отпловил“. Но некои десничарски политичари, како и медиумите блиски до нив не се откажуваат од „прочистувањето на општеството“. Меѓу нивните следбеници, за лустрацијата се говори како за одмазда над политичките противници, а малкумина воопшто разбираат што таа всушност значи.

Токму во тоа се крие и одговорот на прашањето дали лустрацијата во Хрватска денес би можела да се спроведе и дали е потребна и корисна, вели шефицата на катедрата за уставно право на Правниот факултет во Риека, Сања Бариќ.

„Лустрацијата не е спроведување на казнени постапки и судење за сторени злосторства - тоа се судски постапки, а лустрацијата има поинаква цел“, вели таа. Одмаздата е само една од нив, додека основното е отстранување на луѓе кои работеле во тајните служби или биле доушници на високо политичко рамниште. Тие преку лустрацијата се тргаат од државната власт и јавните функции за да се олесни трансформацијата на општеството кон демократија и да се спречи евентуален државен удар кој би можеле да го организираат такви прикриени кадри. Како трета цел, професорката го наведува помирувањето, откривањето на вистината.

Festnahme von Josip Perkovic am 1.1.2014
Јосип ПерковиќФотографија: picture-alliance/dpa

„Ние се оддалечивме 24 години од тој момент. Не постои опасност, ниту во 90-те години постоеше опасност од старите комунистички кадри во смисла на некаков преврат. Постоеја други опасности кои владееја во текот на Татковинска војна, но такви причини немаше“.

Тие го создаваа новиот систем

Адвокатот и пратеник во парламентот како и некогашна блиска соработничка на претседателот Фрањо Туѓман, Весна Шкаре Ожболт, исто така смета дека е изминато времето за спроведување лустрација и дека Хрватска не треба да се исцрпува со такви теми. Во времето кога требало да биде спроведена, во Хрватска беснееше војна, а политиката на Туѓман ги поврзала поделените делови во општеството.

„Во 90-те целта беше да се создаде држава, а не меѓусебно да се напаѓаме. Имавме сосема друга цел“, вели Ожболт. По победата на Туѓмановата политика на помирување на изборите, вели таа, лустрацијата веќе не била можна, а кон неа пристапиле и оние кои биле високопозиционирани во поранешниот систем како Јосип Бољковац, Јосип Перковиќ и Јосип Манолиќ од службите за државна безбедност на СФРЈ и ЈНА, генералите на ЈНА Антун Тус и Петар Стипетиќ. „Тоа беа луѓе кои имаа знаење и моќ да помогнат да не дојде до уште поголема криза. Нивното искуство беше користено за одбраната и формирањето на разузнавачкиот систем. Луѓето кои би биле предмет на лустрацијата всушност го помогнаа формирањето на хрватската држава“, вели Шкаре Ожболт.

Потсетувајќи на отворањето на случајот Перковиќ, кој многумина го протолкуваа како почеток на вистинската лустрација „под германска диригентска палка“, Шкаре Ожболт вели дека она што тој го правел до 90-те години е еден период, но потоа тој учествувал во создавањето на системот на национална безбедност. „Не можевте со мојата генерација да го создавате тој систем, бидејќи ние немавме поим за тоа. Можеа оние кои имаа искуство од поранешната држава“, вели таа.

Vesna Skare Ozbolt unabhängiger Kandidat Wahlen Kroatien 2009 Flash-Galerie
Весна Шкаре Ожболт

Истите причини за отсуството на лустрација ги наведува и професорката Бариќ. Хрватска ги искористи поранешните југословенски кадри кои требало да бидат опфатени со евентуалната лустрација. „Тоа се луѓе кои си ја знаеле работата, кои и‘ биле потребни на државата, особено во воена состојба. Тоа е една од причините и се плашам дека актуелните разговори на таа тема се само политички маркетинг“, вели Бариќ.

Отворање на архивите

Ваквата состојба, од разбирливи причини, не ги задоволува преживеаните жртви на југословенските тајни служби. Тие тврдат дека Хрватска можела да опстане и без помошта од т.н. удбаши, од кои, според проценките, околу 90 проценти се префрлиле во службите на новата држава. Најмалку што може да се стори е јавно да се отвори документацијата за да се види кој што правел до 90-те години. Професорката Бариќ смета дека такво нешто е можно со промена на актуелните закони. „Но, со отворањето на тие архиви добивате само една страна. Од друга страна, отворате податоци за личности кои воопшто не сакаат да бидат објавени, особено податоците за жртвите. Од трета страна, постои и проблем со точноста на тие податоци. Се знае дека постојат и лажни досиеја, тоа бил еден од начините за подметнување на политичките противници. Во Полска и Чешка се забележани такви злоупотреби“.

Grab von Nikola Milicevic Exilkroate in Frankfurt
Гробот на хрватскиот емигрант Никола Миличевиќ, убиен од УДБА, во ФранкфуртФотографија: DW

Весна Шкаре Ожболт не се противи на отворањето на архивите на југословенската тајна служба, но вели дека актуелната влада не го дели нејзиното мислење.

Вистинското прашање е дали лустрацијата конечно би ставила точка на расправите за удбашите, комунистите, шпионите? Дали лустрацијата би довела до катарза и помирување во општеството? Пратеничката Шкаре Ожболт смета дека тоа не би се случило. „Тоа е тема за празнење на емоциите. Имавме неодамна обид за промена на Уставот и сето тоа заврши бедно, со откажување од промените. Кога сега би се правела лустрација, тоа би требало да биде некаква 'лајт' верзија. Би морале да се почитуваат човековите права, европските конвенции, да се смени Уставот“.

Таа нагласува и дека е противник на било какви нови поделби во Хрватска.

„Не сакам да се покрие ничие злосторство, но сметам дека премногу не исцрпуваат темите од минатото. Тој брод конечно треба да тргне напред. Но знам дека е тешко да се излезе од тоа“, вели Весна Шкаре Ожболт.