Дорис Пак: Граѓаните на БиХ треба да излезат на улица
23 октомври 2009Цивилното општество во Босна треба да покаже поголем интерес и да изврши директен притисок врз своите избрани претставници, порача за Дојче веле од Стразбур, европарламентарката Дорис Пак, која не го крие своето разочарување од неуспехот на бутмирските разговори:
„Да бев јас во позиција на босанските Хрвати, Срби или Бошњаци, јас би излегла на улица! Би барала од другите да тргнат по мене и така да им објаснат на политичарите во Мостар, Сараево и Бања Лука дека мораат да работат во интерес и за иднината на своите граѓани. Вака, политичарите и натаму се чувствуваат моќно и продолжуваат со своите запалливи говори.“
Непроспиени ноќи поради БиХ
По завршувањето на втората фаза од преговорите во Бутмир, Пак вели дека позициите во земјата се такви што нема место за компромис: „Доколку нема компромис во БиХ нема да има ниту држава. Ако Босна сака да влезе во ЕУ тоа може да го стори само како држава БиХ, а не како одвоени ентитети.“
Иако смета дека е тешко да се најде излез од актуелната ситуација, европарламентарката е задоволна од најавата за дополнителен ангажман и помош од меѓународната заедница: „Ние сме заинтересирани за доброто на народот на БиХ и се чини како ние да сме единствените заинтересирани за тоа. Не забележав дека мнозинството политичари во Босна имаат такви непреспиени ноќи какви што имам јас кога мислам на БиХ.“
Доколку продолжи трендот на блокада на преговорите од политичките елити во земјата, Пак предлага ЕУ да најде начин да воведе некој вид казнени мерки, но предупредува оти од тие мерки не треба да страда народот туку политичарите.
Автор: БГ/АТ/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска