1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дополнителни флеки врз угледот на Јункер

Кристоф Хазелбах/ Жана Ацеска23 ноември 2014

Барањето за гласање недоверба кон претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер во Европскиот парламент веројатно нема да успее. Но, штетите за поранешниот луксембуршки премиер сепак не може да се игнорираат.

https://p.dw.com/p/1DqvO
Фотографија: picture-alliance/dpa/Olivier Hoslet

Европската комисија не дозволува да биде вознемирена поради претстојното гласање за доверба во Европскиот парламент.

„ЕК во Европарламентот ќе се претстави како и секогаш-опуштена и подготвена. Ќе видиме накаде ќе води дебатата“, изјави првиот заменик на Јункер, вицепретседателот Франс Тимерманс.

Навистина, ЕК ги има сите причини да биде релаксирана, барем што се однесува на расположението во поглед на интерпелацијата. Зашто, ништо не навестува дека ќе се соберат доволен број гласови за соборување на Јункер.

Навистина, предусловите за поднесување барање за интерпелација се релативно мали, но дотолку се повисоки оние за евентуален пад. Затоа, сите досегашни осум гласања за недоверба против ЕК во ЕП биле неуспешни. Иако, еднаш една Комисија решително поднесе оставка откако различни пратенички групи се заканија со интерпелација. Тоа се случи во 1999 година за време на еден друг Луксмбуржанец, Жак Сантер. Причина беа обвинувањата за корупција против тогашната еврокомасарка за истражувања, Едит Кресон.

Високи пречки

За да дојде до гласање, потребни се собрани потписи од една десетина од сите пратеници, што сега значи-76. Евроскептичната, делумно деснопопулистичка пратеничка група Европа на слободата и Директната демократија под водство на британската Партија на независност на Најџел Фараж, УКИП, при поднесувањето барање за интерпелација добија поддршка и од францускиот Национален фронт, кој не припаѓа во ниедна пратеничка група.

Но, Јункер, според членот 234 од Договорот за начинот на работа на ЕУ, може да биде соборен само ако барањето биде прифатено од „двотретинско мнозинство на дадените гласови и мнозинство од членовите на Европскиот парламент“. Тоа значи, против Јункер треба да се изјаснат најмалку половината од сите 751 пратеник, односно 376. Ако пак во гласањето учествуваат многу европратеници, иако тоа не е реално, би требало согласност да дадат дури 501 пратеник. Деснопопулистичкиот табор може да собере само стотина гласови.

Luxemburg Stadt Stadtansicht
Луксембург има највисок приход по глава на жител во ЕУ, благодарение и на даночната политикаФотографија: Imago/stock&people

Левицата не сака да соработува со десницата

За тоа што барањето изгледа без шанси, постојат партискополитички причини. А токму затоа Јункер не треба да се залулкува премногу во сигурност. Зашто, многумина пратеници би гласале против барањето за интерпелација, само затоа што доаѓа од десните популисти. Со нив тие не сакаат ништо да имаат. Левичарите исто така сакаа да достават барање за гласање недоверба, но не можеа да го соберат потребниот број гласови.

„Во ниеден случај не го поддржуваме барањето што меѓу другите го покренаа десните екстремисти и националисти како Марин Ле Пен и Најџел Фараж“, истакнува Габи Цимер, претседател на пратеничката група на Левицата.

Но, тоа не менува ништо во резервираноста на Левицата кон Јункер. И Зелените гледаат критички на минатото на Јункер, иако исклучуваат други консеквенци. Нивниот пратеник Свен Гиголд го советува Јункер „да дејствува консеквентно, да не дава оставка“. Јункер ги најави плановите на ЕК во иднина да се посвети поинтензивно против тајните даночни договори меѓу одделни држави членки и претпријатија. Левицата и Зелените побараа Анкетна комисија, иако е неизвесно дали таа ќе биде формирана.

Оштетена веродостојност

Христијанскиот демократ Жан Клод Јункер при гласањето може целосно да се потпре на конзервативната пратеничка група, која е и најголема во Европарламентот. Нејизниот претседател Манфред Вебер веќе најави: Комисијата ја има полната доверба на неговата пратеничка група, што е и еден вид самозаштита. Зашто, за демохристијаните оставката на Јункер би била врвна непријатност и би довела до пад на комплицираниот персонален систем на договори и отстапки со социјалдемократите. Затоа, и мнозинството социјалдемократи веројатно ќе стојат зад Јункер.

Сепак, штетите по Јункер и неговата Комисија се и онака доволно големи. Првиот човек на ЕК се криеше со денови во времето кога медиумите известуваа како меѓународните концерни преку даночниот дил со Луксембург заштедиле милијарди евра на сметка на останатите ЕУ-држави. Јункер потоа премина во офанзивна одбрана и на европско ниво најави борба против истиот систем што тој и неговиот министер за финансии со години го развиваа во неговата родна земја. За многумина тука нема веродостојност. А гласањето за доверба уште еднаш ќе фрли непријатна светлина врз неговото минато.