241109 D Afghanistan
25 ноември 2009Случајно или намерно - се’ едно, но обете прес-конференции се одржаа истовремено на ралични места. Заменикот-претседател на Здружението за развојна политика на германските невладини организации Јирген Лизер побара да се унапредува цивилната обнова на Авганистан, наместо да се испраќаат уште повеќе војници. „Тука спаѓаат повеќе работи, меѓу другото, помош за развој на земјоделството, создавање работни места и преместување на тежиштата на помошта од градските во селските подрачја“.
Барањето не е ново и му е познато на министерот за развојна помош. Но, како Дирк Нибел директно да го слушна повикот на хуманитарците, па истовремено најави покачување на финансиската развојна помош за Авганистан за уште 52 милиона. Со нив треба да бидат помогнати конкретни проекти: „Посебно снабдувањето на луѓето во Кабул и во северниот дел на земјата со струја и со вода за пиење, потоа подобрување на економската ситуација преку создавање приходи и работни места, меѓу другото и со доделување микро-кредити, се составни делови на тој ангажман“.
Министерот Нибел го поврза зголемувањето на развојната помош со јасно барање до владата на претседателот Хамид Карзаи и смата да даде поголем придонес отколку досега за подобрување на состојбата. „Очекуваме новата авганистанска влада да се погрижи за јакнење на безбедносните сили на земјата, консеквентно да се бори против корупцијата и подобро да го води процесот на стабилизација и развој“, рече министерот.
Нибел, како и претставниците на невладините организации, со задоволство ја примија веста од Кабул дека авганистанското државно обвинителство поведе истрага против 15 актуелни и поранешни министри поради сомневање за корупција.
Хуманитарците критикуваа дека поради нејасното разграничување на нивните од активностите на оружените сили под прашање се доведува независноста на организациите за помош. Министерот не ги споделува таквите ставови. И новата конзервативно-либерална влада очигледно опстојува врз стратегијата на „поврзана безбедност“ - паралелено војничко ангажирање, како и цивилен придонес во обновата - која ја постави претходната влада на големата коалиција.
Автор: Марсел Фирстенау / Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска