Донаторите ветија 1,8 милијарди евра за БиХ и Србија
17 јули 2014Иако српскиот и босанскиот претседател, Томислав Николиќ, односно Бакир Изетбеговиќ, побараа околу 600 милиони за БиХ и 830 милиони евра за Србија, на Донаторската конференција во Брисел, донаторите и‘ ветија точно 809,2 милиони евра на Босна и Херцеговина, односно 995,2 милиони евра на Србија.
Вкупните штети кои овие две земји ги проценија, изнесуваат околу две милијарди евра (БиХ), односно 1,5 милијарди евра (Србија). Бугарската еврокомесарка за хуманитарна помош и справување со кризи, Кристалина Георгиева, по завршувањето на конференцијата, соопшти дека како дополнение на овие средства, постои и пакет од четири милиони евра за регионална поддршка и ветена помош од вкупно 1,84 милијарди евра.
„Денеска работевме добро. Суштинска порака од овие презентации е дека постои една се‘опфатна работа која е пред нас за обнова на училишта, инфраструктура, сточен фонд и на стопанскиот земјоделски сектор во овие две земји. Треба да се насочиме кон тоа, оти поплавите не познаваат граници и треба да се искористи подобра иднина - истакна еврокомесарката Георгиева.
Најголем донатор, според очекувањата е Европската унија, која преку еврокомесарот за проширување Штефан Филе соопшти дека донира вкупно 195 милиони евра за БиХ и Србија.
Пет милиони долари е наменето за Србија од САД и 2,6 милиони долари за БиХ плус околу 7,5 милиони долари за итна хуманитарна помош во првата недела, психолошка поддршка за жителите. За наесен, најавена е нова донаторска конференција за санација на штетите од поплавите во двете балкански земји.
Во катастрофалните поплави кои ги зафатија двете земји во мај годинава беа погодени околу 3 милиони луѓе. Поголемиот дел од ветените средства на конференцијата ќе бидат наменети за исполнување на итните потреби на луѓето во пресрет на доаѓањето на зимата, како реконструкција на куќи и обезбедување на вода и енергија.