Домино-ефектот ја зафати и Австрија
21 јануари 2016
Австрија ја активира кочницата за случај на нужда и воведе горна граница за прием на баратели на азил и бегалци. Тоа, како за почеток, е политичка козметика. Многу поважно е дека истовремено се засилуваат контролите на границата кон Словенија. Сите баратели на азил, пред да можат да го продолжат патт кон Австрија, за разлика од досега, ќе бидат регистрирани и проверени. Пропуштени ќе бидат само барателите на азил кои сакаат да одат во Германија или Австрија. Сите други, на пример оние кои сакаат да одат во Шведска или Данска, ќе бидат вратени. Во моментов никој, па ни австрискиот канцелар Вернер Фајман, не знае дали овие мерки ќе доведат до тоа бројката на бегалци и баратели на азил навистина да не ја надмине утврдената горна граница.
Засилените гранични контроли имаат два ефекта: како прво, ќе донесат внатрешнополитичко олеснување за големата коалиција на социјалдемократите и конзервативците, оти мнозинство од Австријците сака да и’ биде ставен крај на „културата на добредојде“ за бегалците; второ, засиленото враќање на азилантите ги става под голем притисок другите земји на „балканската патека“, првенствено Грција како земја од ЕУ од која доаѓаат, но и Италија. Тие така треба да бидат принудени подобро да ги штитат надворешние граници на ЕУ, за да ги застрашат бегалците и барателите на азил, смета австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц. Со таква политика спрема бегалците веројатно се доведуваат пред дефинитивен пропаст сите напори кризата да се реши по вообичаените патишта во ЕУ.
И Германија ќе мора да се приклучи
Австрија со право може да укаже дека Шведска веќе не прима бегалци, а и Германија засилено враќа бегалци од границата кон Австрија. Чекорот за воведување гранични контроли и правно сомнителната горна граница канцеларот Фајман ги договорил со германската канцеларка Меркел. Иако поради нејзината политика спрема бегалците е изложена на груба критика во сопствената партија, Меркел, значи, нема ништо против австриската горна граница. Нема да трае долго додека и таа не ја промени својата политика. Меркел може да аргументира дека Германија не може сама да излезе на крај со предизвикот. Шведска веќе се затвори, Австрија ја следи и во крајно несолидарната ЕУ преостанува само Германија како единствена земја која уште прима бегалци. Тоа дури ни Ангела Меркел не ќе може да го издржи на подолг рок.
Ако во наредните два месеца не се постигнат позабележителни успеси во прераспределба на бегалците на европско ниво или во придушувањето на приливот на бегалци преку соработката со Турција, тогаш Германија веројатно ќе го следи моделот на Австрија. Германската голема коалиција тоа нема да го нарече ограничување на приемот на бегалци, што гласно го бара баварската ЦСУ (Христијанско-социјална унија), туку ориентациона вредност, целна вредност или некој сличен разубавувачки поим. Актуелниот претседавач со Советот на ЕУ, холандскиот премиер Марк Руте, веќе зборува за план Б, ако конечно не профункционира замислениот систем од приемни и регистрациони центри, прераспределба на бегалците и обезбедување на надворешните граници. Со оглед на раскараноста на шефовите на држави или на влади во ЕУ, се чини дека не е многу веројатно да се постигне таа цел во зададениот рок од осум недели.
Посакуван хаос помеѓу Грција и Австрија?
Ако и Германија значително ја намали готовноста за прием на бегалци, тогаш во државите од Западен Балкан и во Грција би можело да дојде до огромно натрупување на бегалци, баратели на азил и мигранти. Тоа тогаш би била пресметана катастрофа за илјадници луѓе среде во Европа. Србија веќе најави дека нема да пропушта бегалци. Сметката на многумина политичари од Шведска до Италија е ЕУ да се направи толку неатрактивна за бегалците и азилантите, што тие нема ни да се обидуваат да стигнат на посакуваната цел.Европа би капитулирала пред навалицата од бегалци и ќе ја загуби својата хуманост и милосрдност. Повторно би морале да се воведат трајни гранични контроли внатре во ЕУ. Економските последици од таа ренационализација би биле огромни.
Поставување горни граници не го решава проблемот, туку го преместува од центарот на Европа кон нејзините работи, таму од каде доаѓаат бегалците. На прашање што ќе се случи ако биде пробиена поставената горна граница, австрискиот министер за внатрешни работи најави воспоставување логори за интернирци. Тоа не би смеел да биде последен одговор на прашањето за бегалците. Зарем навистина немаме подобар?