1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорен нов прекин на огнот во источна Украина

С. Кинкарц/Б. Георгиевски3 јули 2014

На истокот на Украина ќе има ново примирје. Ваков договор синоќа во Берлин постигнаа министрите за надворешни работи на Украина, Русија, Франција и Германија по кризниот самит.

https://p.dw.com/p/1CUpm
Фотографија: Reuters

Не се обесхрабрувајте, гласи мотото на шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер. Став кој му е и тоа како потребен во украинската криза. Штајнмајер стравува од експлозија на насилството откако украинскиот претседател Петро Порошенко го откажа прекинот на огнот и најави воена акција на истокот на земјата. Откако првиот обид да се договори ново примирје во Киев во понеделникот пропадна, Штајнмајер повторно ги свика своите колеги Сергеј Лавров, Павло Кимкин и Лорен Фабиус, овојпат во Берлин.

По долгите и тешки разговори, резултатот е „пакет мерки кои го отвораат патот кон целосен прекин на огнот“, оцени германскиот министер. Министрите потпишаа план во пет точки кој недвосмислено упатува на потребата од итен и обостран прекин на огнот.

Новите преговори за примирје треба да започнат не подоцна од претстојната сабота, ќе бидат набљудувани од ОБСЕ и на нив ќе учествуваат и претставници на про-руските бунтовници од источна Украина. Министрите се согласија дека претходно мора да престане насилството и да се ослободат заложниците на обете страни, а граничните премини на границата кон Русија да се вратат под контрола на Киев.

Последна шанса

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на заедничката прес-конференција изјави дека квартетот се договорил за „неопходноста од брзо исполнување на условите заради долгорочно примирје“. Лавров оцени дека одлуката на украинскиот претседател Порошенко да стави крај на примирјето однело многу човечки животи и довело до сериозно уништување, но „подобро доцна, отколку никогаш“.

Außenministertreffen in Berlin 02.07.2014
Четворицата министри на заедничката прес-конференцијаФотографија: Clemens Bilan/AFP/Getty Images

Украинскиот министер Климкин побара ослободување на сите заложници и враќање на контролата врз границите, со што би се спречил напливот на нови борци и оружје за бунтовниците.

Штајнмајер уште еднаш оцени дека ситуацијата во Украина во последните 48 часа „драматично се влошила“. Развојот на настаните може да доведе до тоа состојбата натамошно да ескалира и целосно да излезе од контрола. „Мораме да ја искористиме секоја шанса, без разлика колку е мала, за да го свртиме текот на настаните“.