Договор за климата: речиси на целта
12 декември 2015Француското претседателство на конференцијата на Обединетите Нации за климата денеска го претстави пред 195 земји учеснички финалниот нацрт на договорот за борба против климатските промени.
Министерот за надворешни работи на Франција Лоран Фабиус доби гласен плесок од учесниците на конференцијата, кога се појави да го претстави нацртот на историскиот документ. Тој три ноќи преговараше со делегатите за да се надминат разликите кои на почетокот беа огромни. Фабиус истакна дела изјави дека последниот нацрт на договорот е амбициозен, балансиран и законски обврзувачки.
„ Стигнавме речиси до крајот на патот и веројатно до почетокот на друг пат, изјави Фабиус на пленарната сесија. Според Фабиус проектот предвидува ограничување на глобалното затоплување доста под два степени и ќе се обиде да го ограничи до 1,5 степени.
„Текстот предвидува и преглед на секои пет години на националните планови за ограничување на затоплувањето, а определен е и таван од 100 милијарди долари финансирање за земјите во развој до 2020 година“, истакна Лоран Фабиус.
Според францускиот министер овој нацрт договор е најдобар можен резултат и им вети помош на сиромашните земји: Ќе им помогнеме на загрозените острови, а ќе им помогнеме и на јужноамериканските држави во заштитата на нивните шуми“. Истотака е ветена помош и на земјите чие стопанство се темели на фосилните горива.
„Нашата историска одговорност е огромна. Ако потфрлиме, ќе ја уништиме секоја надеж и ќе ја загубиме нашата веродостојност“, нагласи францускиот министер. Исто како и неговиот американски колега Џон Кери, Фабиус повторно ја истакна одговорноста кон наредните генерации и денешните деца.
Шампањското е подготвено
Францускиот претседател Франсоа Оланд на делегатите им се обрати со зборовите: „Ова е историски датум, историски ден!“. Тој додаде дека ова би можел да биде прв Договор во историјата со кој сите земји заеднички ќе се борат против климатските промени.
Но и покрај еуфоријата, усвојувањето на Договорот сѐ уште не е завршена работа. делегатите во текот на денешниот ден ќе имаат вреем за читање на конечниот текст. Одборот за преговори ќе се состане уште еднаш, а за нацртот се очекува да се гласа вечерва.
Очигледно Французите свесно уште околу пладне создадоа славеничко расположение и постојано говореа за историски моменти. Со тоа на делегатите на некој начин им го направија невосможно откажувањето од Договорот. Домаќините се погрижија за сѐ : ако сето тече според планот, на крајот ќе има воодушевување, шампањско и славје.