1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за двојното државјанство

ЕМФ/епд/афп27 март 2014

Црно-црвената владејачка коалиција во Берлин по долга дебата постигна согласност околу предлог законот за двојно државјанство во Германија за децата чии родители се странци.

https://p.dw.com/p/1BXRZ
Фотографија: imago/Sven Simon

Министерот за правда Хајко Маас и министерот за внатрешни работи Томас де Мезие денеска (27.03.) соопштија дека е постигната согласност околу условите кои младите луѓе ќе мора да ги исполнуваат за покрај државјанството од земјата на нивните родители да можат да го задржат и германскиот пасош.

Според двајцата министри, младите кои живеат најмалку осум години во Германија или посетувале најмалку шест години училиште во Германија, или пак имаат германска диплома, смеат да ги задржат двете државјанства.

Досега, децата родени во Германија, чии родители се странци, на возраст од 18-та до 23-та година мораа да се одлучат кој пасош ќе го задржат - оној на државата од каде доаѓаат родителите или германскиот. Партиите на Унијата и СПД во коалициониот договор се согласија дека е неопходна реформа на ова опционално решение.

NSU-Umsetzungsbericht PK 26.02.2014
Министрите Маас (д.) и Де Мезие соопштија дека законот треба да биде донесен уште годинаваФотографија: picture-alliance/dpa

Маас и Де Мезие соопштија дека предлог законот сега брзо треба да добие зелено светло од владата, за потоа да оди во парламентот, за да може да стапи во сила уште годинава.