1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добрица Ќосиќ - „татко на нацијата“ или „идеолог на злото“

Самир Хусеиновиќ/Б. Георгиевски19 мај 2014

Во БиХ се поделени мислењата за ликот и делото на српскиот писател и еден од авторите на меморандумот на САНУ, Добрица Ќосиќ, кој почина во неделата (18.05.) во Белград.

https://p.dw.com/p/1C2Qt
Фотографија: Maja Ilic/AFP/Getty Images

Во сенка на катастрофалните поплави во БиХ, веста за смртта на Добрица Ќосиќ во земјата не предизвика посебни реакции. Еден од ретките политичари кои во неделата се осврнаа на смртта на Ќосиќ беше претседателот на Република Српска, Милорад Додик. „Академик, државник, писател, политички и национален теоретичар, а пред сѐ голем човек, Добрица Ќосиќ со својата работа и со делата остави неизбришива трага во српската литература, политички живот, но и во самиот народ“, порача Додик.

Директорот на сараевскиот Институт за воени злосторства и меѓународно право Смаил Чекиќ смета дека „идеите на Ќосиќ имале големо влијание и одлучувачка улога во се’ што српската национално-државна политика правела за дестабилизација и обидите за конечно уништување на БиХ“. „Ќосиќ во книгата 'Босанската војна' ја изнесува својата вистина за случувањата во БиХ кон крајот на 20. век, и на повеќе места ја претставува 'српската вистина' за војната. Тој всушност фалсификува, манипулира, лаже, бидејќи тој е српскиот Гебелс и лаже со цел“, смета Чекиќ.

Milorad Dodik Präsident Republika Srpska
Според Милорад Додик, Ќосиќ бил „голем човек“Фотографија: Dragan Maksimovic

„Смртта на Ќосиќ не е обична смрт, бидејќи во својот живот тој толку многу не’ 'задолжи' и неговата смрт може да се третира како конечен крај на еден од најмрачните периоди во историјата на овие простори“, вели новинарот Ѓорѓе Крајишник. „Малкумина се писателите кои како Ќосиќ, толку директно, идеолошки ги поддржуваа уништувањето, смртта и злосторствата. Малку се писателите кои една култура ја направија толку митоманска и толку ја исчистија од сите 'странски тела', што таа во еден момент целосно подиве и тргна во општа деструкција“, вели Крајишник.

Олицетворение на злото

Босанската новинарка Ниџара Ахматашевиќ го смета Добрица Ќосиќ за „олицетворение на злото“ на Балканот.

„Под негово влијание се разви националистичката идеологија која во текот на 90. години однесе десетици илјади животи на просторите на екс-Југославија. Уште полошо, таа идеологија се ширеше како опасна, тешко излечива, заразна болест. Српскиот национализам, чиј идеолог беше Ќосиќ, беше оправдување за сите национализми кои се раѓаа и зајакнуваа охрабрени со зборовите на лажните интелектуалци, политичари и медиуми чија единствена улога беше да ја поттикнуваат омразата“, вели Ахматашевиќ.

Во Србија поинаку се говори за Ќосиќ. Актуелниот министер за култура Иван Тасовац вели дека „српската култура го загубила најавтентичниот раскажувач на српската голгота“, додека општествената сцена останала без „истакнат антифашистички борец“. Лидерот на Демократската партија Драган Ѓилас смета дека Ќосиќ оставил „неизбришива трага во креирањето и согледувањето на српската политичка реалност“. Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ вели дека советите на Ќосиќ „секогаш му биле драгоцени во водењето на државната политика“.

Bildergalerie Kosovo Krieg 15 Jahre 20.9.2000 Milosevic
Ќосиќ беше инспиратор на големосрпската политика на Слободан МилошевиќФотографија: picture-alliance/dpa

Меморандумот на САНУ

Добрица Ќосиќ ќе остане запаметен по зборовите кои ги изговори при пристапувањето кон Српската академија на науките во 1970. година: „Српскиот народ добиваше во војни, а губеше во мир“. Во тоа време Ќосиќ се залага за темелна промена на положбата на Србија во бивша СФРЈ. За српското раководство кое го прифати Уставот од 1974 година тврдеше дека е „вазално“, бидејќи Уставот им даваше поголема автономија на поранешните републики, но и на покраините.

Ќосиќ е и еден од авторите на Меморандумот на САНУ од 1986 година, кој имаше големо влијание врз обновата на растот на српскиот национализам. Во тој документ, меѓу другото, се тврди дека границите на Србија не се во согласност со етничкиот состав и дека затоа треба да се прекројат. Во Меморандумот се изнесува и тезата за „загрозеноста на српскиот народ во СФРЈ“. Меморандумските идеи во 1990-те години во дело се обиде да ги спроведе поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кој потоа пред Хашкиот суд беше обвинет за воени злосторства и геноцид.