До рускиот пазар по заобиколен пат?
25 август 2014Од повеќе адреси со јавно влијание во Хрватска, прво се слушна за иницијатива за вложување пари и труд за „препакување“ на хрватските производи во Србија. Како што е познато, оваа соседна земја на Хрватска не е опфатена со руските санкции. Оваа сугестија, конкретно, е упатена во медиумските простори првенствено од Хрватското здружение на работодавачи (ХУП). Со исто такво расположение се огласија и одредени угледни економски аналитичари и консултанти. Меѓутоа, многу брзо уследија спротивни реакции, од кои ги издвојуваме оние од Хрватската економска комора (ХГК) и самиот државен врв на Србија. Белградските власти порачаа дека никакво препакување на артикли произведени во Хрватска, во смисол на заобиколување на санкциите, на подрачјето на Србија нема да биде можно. ХГК исто така нагласи дека станува збор за заблуди, дури потенцијално многу штетни. Сепак, го регистриравме на почеток кажаното и се распрашавме за каква реамбалажа би можело да стане збор.
Мистични околности на општото недоразбирање
И покрај официјалната сертификација на стоката, особено на прехранбените производи, релативно често може да се слушне за сомнителен увоз - всушност за шверцување или фалсификување на потеклото, со што се оштетува и државата и крајниот потрошувач, а се работи за профит на оние кои се занимаваат со тоа. Од еден од споменатите консултанти, Борис Тешки од фирмата „Инстар“, побаравме објаснување за неговата предходна изјава за Тпортал, кога кажа: „Нема да има многу големи трошоци за препакување. Со креативен пристап на пазарот, многу може да се направи. Препакувањето е константен дел од бизнисот, само е проблем да се најдат канали преку кои ќе се пласира на крајниот пазар.“
Нам, меѓутоа, ни изјави дека не мислел на препакување во буквален смисол, инсистирајќи дека е во прашање недоразбирање. Можеби така не размислуваа ниту во ХУП, можеби така не размислуваше ни економистот Анте Бабиќ, но чудно е дека сите го користеа сега веќе помалку мистичниот израз - препакување. А тоа можеби укажува на нова и поинаква амбалажа на производите кои претходно веќе биле спакувани. Првпат во Хрватска, вторпат во Србија. „Не ми е познато како би можело тоа да се изведе“, изјави за ДВ Тешки, „туку имав на ум поинаков деловен пристап, првенствено кај оние наши претприемачи кои имаат свои погони и во Србија. Тоа не е ништо ново во светот.“
Сите наоѓаат некаков интерес
Во тој случај, без причина се загрижени и ХГК и властите во Србија. Оваа земја инаку располага со договор за слободна трговија со Русија. Хрватските поизведувачи и трговци - да го споменеме само најголемиот, Ивица Тодориќ и неговиот „Агрокор“- во Србија одамна се наголемо присутни. Треба да се спомене и тоа дека Хрватска во Русија извезува земјоделско-прехранбени производи во вредност од 20 до 25 милиони американски долари годишно, со удел од само 1,5 проценти од вкупниот извоз на овој вид стока. Изгледа дека не е многу, но во кризно време не е ни малку.
Покрај „Агрокор“, на списокот се и „Подравка“, „Виндија“, „Кромарис“, „Остреа“, „Сардина“ и други. Пред се’ станува збор за месо, свежа и конзервирана риба, сирење и овошје, производи од житарки, како и сосови и супи. Но, да се вратиме на прашањето за препакување, ако воопшто е можно да се претпостави што всушност тоа навистина би било. Останува енигма: колку сме изложени на стока од шверц, а секако и несигурен квалитет? И колку се во состојба трговците да ги сокријат давачките кон државата, или кон државите, со таквото работење?
Љубо Јурчиќ, професор од Економскиот факултет во Загреб, поранешен министер за економија и, меѓу останатото, поранешен претседател на Надзорниот одбор на „Подравка“, ни објасни дека извозот на хрватските прехранбени производи во Русија, во помал дел, веќе со години се спроведува и со посредство на Србија. Тоа се прави со премолчено одобрение од сите три страни, со оглед на тоа дека секој во тоа има одреден интерес. Сепак, оваа експорт-импорт сива зона никако не преовладува, ниту пак, како што вели, во краен исход станува збор за некои особено големи парични износи.
„Сертификацијата, без која нема извоз од Србија во Русија, во најголем дел се изведува со примерна контрола. А треба да се знае дека српскиот сертификат предвидува удел во конечниот производ на домашни, српски компнонети, кој е поголем од половина“, продолжува Јурчиќ. То смета дека владите без оглед на тоа им оставаат на претприемачите барем некаков простор за импровизација, заради свовевидна, како што вели, „релаксација“. Според Љубо Јурчиќ, најдобро решение за актуелниот проблем е Хрватска повторно да се ориентира на домашниот пазар, зашто протокот на хрватска стока во Русија секогаш ќе зависи пред сѐ од политичките односи со таа земја.