1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел ги затвора очите пред кризата во Македонија

БГ/ЖА/дивелт/стандард19 април 2016

Додека македонската влада планира нова изборна измама, Брисел ги затвора очите пред проблемот. Македонија останува буре барут во од колосек излезената Европа. Анализи од германскиот и австрискиот печат

https://p.dw.com/p/1IYYJ
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Македонската влада планира нова изборна измама, додека претседателот прогласува амнестија за политичарите. Но, поради бегалската криза, Брисел ги затвора двете очи“, пишува германскиот весник Ди Велт.

„Две години политичка криза- која држава може тоа да го издржи? Македонија сигурно не. Засилените полициски сили имаат сѐ поголеми проблеми со мирни средства да ги задржат масовните протести во Скопје и во други градови на малата балканска земја“.

„Револтот е голем откако на претседателот Иванов му падна на ум да ги амнестира сите 56 политичари и нивни соработници вмешани во еден широк корупциски и прислушкувачки скандал. Иванов образложи дека со тоа сакал да ја смири состојбата пред изборите на 5 јуни. Но се случи спротивното: Македонија е во бунт“, наведува Ди Велт.

Весникот ја цитира и, како што наведува авторот, „недипломатски јасната“ изјава на шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер, кој остро ја критикуваше одлуката на Иванов како „штетна за правната држава и правниот мир“.

За Ди Велт говори и македонскиот политолог Артан Садику кој го критикува однесување на ЕУ во кризата.

„ЕУ во Груевски долго гледаше единствен актер кој може да донесе стабилност, и покрај тоа што таа стабилност беше постигната со недемократски методи. ЕУ сѐ уште и дава поголем приоритет на стабилноста отколку на демократијата“, вели Садику.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Поради бегалската криза во Брисел ги затворија двете очи. Затворањето на балканската рута беше можна само преку затворањето на македонската граница. Затоа стигнаа пофалби од Брисел“, пишува натаму весникот.

„Особено Европската Народна партија во ЕУ парламентот се воздржува од критики на македонската влада. Но иако јавно се однесува како и натаму да го поддржува членството (на земјата, н.з.) во ЕУ, во истовреме, на тој начин систематски ги урива сите предуслови кои се бараат за членство. Владеењето на правото, граѓанските слободи и основните демократски стандарди во последнава година потонаа“, пишува Ди Велт.

Весникот оценува дека Договорот од Пржино во меѓувреме пропаднал. Но, впечатокот е дека „и покрај оставката на премиерската функција Груевски и натаму ја контролира државата“. „Тој ја контролира државата и медиумите. Со амнестијата под контрола го има и судството“.

(...) Изборните измами и клиентелизмот се двата столба на македонската влада. (...) Она што досега беше откриено (од СЈО н.з.) е неверојатно: На избирачкиот список има луѓе од други држави и многу лица со исти адреси. (...) Многу починати Македонци на некој чудесен начин успевале да го заокружат името на владејачката партија“. (...) Владејачката партија во изминативе години изгради систем во кој работните места во јавната администрација се делат според партиската книшка. Вработените имаат обврска да ја пропагираат владејачката партија во своето опкружување- во спротивно ќе го загубат работното место“, пишува Ди Велт.

Македонија - нестабилна држава на првата линија на фронтот

„Бездруго треба прво да паднат мртви, за светската јавност да стане свесна дека Балканот сѐ уште постои. Со сите негови проблеми“, напиша германскиот познавач на Македонија, Клаус Шрамајер пред околу една година, кога во Македонија по еден мистериозен вооружен напад загинаа повеќемина лица и протестите против една од најкорумпираните влади во Европа достигнаа кулминација, пишува во коментар за австриски Стандард, Паул Лендваи.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

„Најновите немири по досега нечуената генерална амнестија на 56 корумпирани и со владејачката национал-конзервативна партија ВМРО поврзани политичари и претприемачи, покажува колку е несигурна внатрешнополитичката стабилност во балканската земја на чии јужни граници треба да бидат задржувани бегалските бранови во правец на север. Германската канцеларка Ангела Меркел уште есеноска во дисусиите околу Балканската рута со право укажа на опасностите од прекуграничните тензии меѓу балканските држави.

Македонија уште од Балканските војни 1912-13 година е синоним за нерешливост на националните конфликти. Македонците, кои дури во Југославија добија свој дел од државата со сопствен идентитет, беа и ќе бидат цел на претензии на поголемите соседи, кои во нив гледаат западни Бугари, јужни Срби или славофонски Грци, а на дел од територијата претендираат и албанските националисти. Албанците сочинуваат најмалку четвртина од двомилионското население. Пред 15 години крвавите борби меѓу албанските бунтовници и македонските трупи беа запрени дури преку интервенцијата на НАТО. Иако Бадинтеровата комисија уште во 1992 година предложи признавање на Македонија од страна на ЕУ, сите обиди за прием на Македонија во НАТО и ЕУ пропаднаа поради ветото на Грција, која бара промена на името„, пишува „Стандард“.

„Грчкиот однос кон Македонија во себе крие доволно експлозив. ’Балканот за Грците се секогаш другите, на кои се гледа од висина’, изјави грчкиот социолог Михаел Калпанидес.

Грчката опструкција ги радикализираше разбирливо и македонските националисти. Истовремено Албанците во нивните компактно населени области на границата кон Косово не сакаат да бидат граѓани од втора класа. Гладот за власт на од опозицијата и меѓународната заедница притеснатиот Никола Груевски, кој во јануари се повлече од премиерската функција, кој дозволи илегално прислушкување 20.000 луѓе, може преку него диктираната скандалозна „генерална аменстија“ во хаос да ја втурне не само Македонија. Настрана од тоа, преку загрозувањето на функционалната способност на безбедносните сили, со оглед на насилните обиди за пробив на грчко-македонската граница од страна на илјадници мигранти, ќе се дестабилизира целиот регион. Македонија и натаму останува јаболко на раздорот и буре барут во од колосек излезената Европа“, заклучува весникот Стандард.