1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дистанца и поддршка меѓу мигрантите и соседите на Турција

Сенада Соколу / Александар Методијев19 јуни 2013

Мигрантите од балканските земји во Турција спаѓаат во поддржувачите на Ердоган. Но, по насилното отстранување од паркот Гези, тоа веќе не важи за многумина од нив. Се дистанцираат и други мигранти.

https://p.dw.com/p/18sxw
Фотографија: Reuters

Тоа беше одговор на протестите против неговата влада – турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на 16 јуни годинава во Истанбул зборуваше пред стотици илјади свои симпатизери, само на ден по насилното расчистување на паркот Гези со солзавец и водени топови.

„Треба да викнете толку гласно за да ве чуе Сараево и Зеница“, ги повика Ердоган слушателите. Исто така, тој им прати поздрави и на луѓето во Македонија и Косово. Многу турски муслимани од Балканот долго време важеа за лојални гласачи на конзервативната АКП парија на Реџеп Таип Ердоган. Тој во минатото ги освојуваше нивните гласови пред се’ преку својот политички и економски ангажман во регионот. Ердоган го добиваше и гласот на Есат Гунај, чии претци пред повеќе од 50 години се преселиле од Босна и Херцеговина во Турција.

„Балканот е многу значаен за нас. Ако луѓето таму се задоволни, тогаш и ние сме задоволни. Нас не’ прави среќни што Ердоган се инволвира на Балканот“, вели тој.

Некои невладини во Македонија го поддржуваат Ердоган

Во Гостивар, градот кој турскиот премиер го посети двапати во минатото, припадници на турското малцинство организираа настан за поддршка на Ердоган, на два дена пред неговиот говор во Истанбул. На собирот учествуваа и претставници од турското малцинство од соседните земји.

Türkei Istanbul Protest Gezi Park
Доселениците во Турција му ја откажуваат поддршката на ЕрдоганФотографија: Reuters

Учесниците нагласија дека протестите во Турција се организирани од провокатори кои сакаат да ја уништат моќта на Република Турција. Сојузот на турски невладини организации во Македонија претходно објави соопштение во кое демонстрантите се претставени како припадници на групи, „кои се против благосостојбата на муслиманската заедница“ и кои сакаат „да и’ наштетат на стабилноста на Република Турција“.

Критики од Босанци и Грци во Истанбул

Но, не сите се согласуваат со влијанието на Турција на Балканот. Поддршката на турските фирми во Босна и Херцеговина, Туркемнистан и во арапските земји, главно е поради политички причини, вели 32-годишниот Босанец Ердоган Ерден.

„Тие соработуваат заедно со исламската заедница, ја купуваат за еден ден да можат да ја искористат“, смета Ерден, според кого Турција тоа посебно ќе го искористи во БиХ. „Ги мамат сиромашните луѓе со помош на религијата“, додава тој.

И 30-годишната Гамѕе Генчебај има корени од Балканот. Нејзините родители се од Санџак, регион на југот од Србија, каде живеат мнозинство муслимани. Таа стравува од поделбите во турското општество со последниот бран протести. Таа смета дека турскиот премиер со одговорот на протестите демонстрираше нетолеранција.

Erdogan Erdem
Ердоган ЕрдемФотографија: DW/S. Sokollu

Во Истанбул живеат и околу 3.000 Грци - припадници на Грчката православна црква, кои имаат турско државјанство, како и доселеници во земјата во последниве години, во кои спаѓаат студенти, раководни лица во меѓународни компании и претприемачи. До неодамна најголем дел од Грците беа на страна на Ердоган, а тој патот до таквата поддршка го поплочи со серија политички одлуки за враќање на грчки училишта, кои во минатото биле нелегално одземани. Но, последните настани во Турција ги поделија Грците во Истанбул. Конзервативците се држат настрана од протестите, а многу млади се дистанцираат од Ердоган и учествуваат во демонстрациите во паркот Гези.

Солидарност во соседството

Во соседна Бугарија имаше обиди за покажување солидарност со демонстрантите во Истанбул. Млади Турци, кои студираат во Софија, протестираа пред турската амбасада, но беа отстранети од страна на бугарската полиција. Причината за тоа беше што одржувањето на протестите не било одобрено. Бугарското министерство за надворешни работи, пак, ги повика своите граѓани во Турција да не учествуваат на демонстрациите.