1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диско за сите

Ј. Фалкенштајн/ С. Недевски16 јануари 2014

Диско од соништата - така се нарекуваат диско-вечерите кои ги организира една евангелистичка црковна заедница од германската престолнина. На забавите заедно танцуваат млади со хендикеп и нивни врсници без хендикеп.

https://p.dw.com/p/1An9Y
Фотографија: Fotolia/kreativfabrik1

Една сосема нормална диско вечер. Млади танцуваат и добро се забавуваат. Повеќето гости сепак се посебни, тие имаат душевен хендикеп.

„Диско од соништата“ - така се нарекуваат овие диско-вечери кои ги организира една евангелистичка црковна заедница во Берлин. Пред две години ваква идеја и падна на памет на Сузане Фос и тоа практично беше подарок за нејзиниот син Бенјамин.

Еднаш во месецот се слави, велу Сузане: „Причината е дека сакавме да покренеме нешто одржливо за нашите деца и така настана 'диско од соништата'. Се надевам дека диското ќе постои и еден ден кога нас ќе не нема, како место на кое заедно танцуваат и слават луѓе со хендикеп и луѓе без хендикеп“.

Младите членови на црковната заедница се задолжени за гардеробата и за барот: „Подобро е отколку со други. Едноставно расположението е опуштено. Сеедно е како некој танцува, никој не внимава на тоа...“ , вели ученичката Мерит.

Забавата почнува во 18 часот, а овојпат дојдени се околу 70 млади. Повеќето во придружба на своите родители. „Во други дискотеки децата секогаш некој попреку ги гледа. А тука ова многу ми се допаѓа. Овде тие едноставно можат да бидат такви какви што се“, вели една мајка на хендикепирано момче.

Symbolbild Tanzen Club Pop Musik Disko Diskokugel
Фотографија: Fotolia/ryscheJR

Младите со хендикеп во „Диското од соништата“ со најголемо задоволство танцуваат на хитовите на Мајкл Џексон. А притоа изведуваат и вистински акробации.

Нешто подоцна на бината им се придружуваат останатите млади од црковната заедница и тогаш е навистина полно. Впрочем како секогаш. Планот на Сузане Фос повторно се оствари. Хендикепирани и нехендикепирани се забавуваат заедно.

„Никој не говори: 'Ти имаш хендикеп, а јас немам', туку едноставно сите се однесуваат меѓусебе сосем нормално. Тоа всушност воопшто воопшто не треба да е тешко“, вели Сузане.

По три часа забавата е готова. Потоа сите чекаат на новата забава во „диското од соништата“ во наредниот месец.