ДИВ: Платите треба да се зголемат
19 април 2022За да се компензира големиот пораст на цените, „апсолутно неопходно“ е зголемување на платите, смета претседателот на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), Марсел Фрачер. Тоа е важно „за да може да продолжи да се одржува потрошувачката“, изјави Фрачер за радио Дојчландфунк. „Ако тоа не се случи, тогаш компаниите ќе имаат потешкотии, невработеноста ќе расте и ќе завршиме во спирала на сѐ послаб раст и висока инфлација“, објаснува економистот.
Фрачер ги отфрла барањата за воздржаност на работниците во тарифните преговори. Зголемувањето на платите и претстојното зголемување на минималната плата, според него, се најдобрите мерки за брзо и небирократски да им се помогне на луѓето.
Помош да, но не и „популистички мерки“
Со оглед на високата инфлација, политичарите треба насочено да им помагаат на луѓето. Во некои случаи тоа веќе е направено, на пример со енергетскиот додаток од 300 евра за секој вработен. „Тоа е добар чекор“, вели Фрачер.
„Популистичките мерки“, како што е кочницата на цената на горивото, се погрешен пат, смета тој. Ваква субвенција за набавка на бензин е контрапродуктивна, бидејќи „не ја намалува потрошувачката на енергенси, туку на крајот голем дел од овие пари го фрла во грлото на компаниите за нафта“.
Инфлацијата нема да исчезне
Според ДИВ, луѓето во Германија треба да бидат подготвени на постојано високи цени. Цените ќе се зголемуваат „во следните пет до десет години“, вели претседателот на ДИВ, Марсел Фрачер. Покрај војната во Украина, тој како причина го наведува и крајот на глобализацијата во нејзината досегашна форма.
- повеќе: На Германија ѝ треба нов деловен модел
Високите цени во моментов се главно „водени од шпекулации“, рече Фрачер на Дојчландфунк. Дел од понудата се задржува поради загриженост дека нема да има доволно во иднина. „Загриженоста за иднината ги поттикнува цените. Неизвесноста, 'што би можело да дојде', е можеби најголемиот отров.“
Фрачер смета дека состојбата ќе се смири само ако војната во Украина запре и Русија „не напаѓа други земји“. Тој потенцира дека Русија, глобално погледнато, е релативно неважна економија, но Германија е многу зависна од таа земја. Сѐ додека трае војната, „ќе чувствуваме економски последици“, вело Фрачер.