Деца убиени во напад на НАТО во Авганистан
5 октомври 2013Цивилите, на возраст меѓу 12 и 20 години, биле убиени додека ловеле птици во областа Сарача, неколку километри од градот Џалалабад. Нападот го потврди и портпаролот на НАТО, но нагласи дека не може да потврди дека во него има жртви.
„Минатата ноќ, околу 23 часот, пет цивили на возраст меѓу 12 и 20 години, кои носеле воздушни пушки, сакале да ловат птици на осум километри од центарот на Џалалабад. Тие биле таргетирани и убиени во воздушниот напад на странските воени сили“, информираше полицискиот портпарол Хазрат Хусеин Машрекивал.
И портпаролот на провинциските власти Ахмад Зиа Абдулзаи го потврди инцидентот, додавајќи дека „тројца од убиените цивили биле ученици, а двајца браќа“. Тој изјави дека нема да бидат соопштувани повеќе детали, додека властите се на терен и „ги бараат причините“ за нападот.
Од меѓународните воени сили во Авганистан информираат дека во спроведената операција биле убиени „непријатели“. Претставник на НАТО изјави дека се истражуваат „гласините за смрт на цивили во операцијата“.
Минатиот месец во воздушен напад на НАТО беа убиени најмалку 16 цивили, меѓу кои и жени и деца. Цивилните жртви во операциите на НАТО долго време се причина за тензија во односите меѓу авганистанската влада и НАТО трупите предводени од САД, кои веќе ги намалуваат ваквите операции, бидејќи се подготвуваат за повлекување од земјата следната година. Поради планираното повлекување на НАТО од земјата, одговорноста за безбедноста во земјата се префрла на авганистанските власти, но откако започна тој процес почна да се зголемува и насилството во земјата.
Според извештај на ОН, повеќе од 1.000 цивили се убиени, а околу 2.000 повредени во првата половина од 2013 година, што претставува зголемување за 23 проценти во споредба со истиот период минатата година.