1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Детска градинка - германски изум

Јан Давид Валтер/З. Јордановски28 јуни 2015

Децата треба да се развиваат слободно, но насочувано - како цвеќињата во градината. Со тој концепт германскиот педагог Фридрих Фребел пред 175 години ја револуционира педагогиката за мали деца.

https://p.dw.com/p/1FoTy
Фотографија: picture-alliance/akg-images

„Детска градинка“ е еден од малкуте германски изрази кои успеаја да влезат во англискиот јазик. Соодветни изрази составени со поврзување на зборовите „дете“ и „градина“ има и во многу други европски јазици, па дури и во кинескиот и узбекистанскиот јазик. Институцијата детска градинка е германски изум и беше еден од првите германски извозни хитови, уште сто години пред германското стопанско чудо.

Во екот на индустриската револуција, на 28. јуни 1840 година во местото Бланкенбург педагогот Фридрих Вилхелм Аугуст Фребел ја основа „Општата германска детска градинка“, првата детска градинка во светот. Навистина, места за згрижување на деца имало и пред тоа, но биле поинаку означувани. Родителите ги оставале таму кога оделе на работа во фабриките. „За постарите деца веќе имало задолжително школување, а за помалите во најдобар случај институции кои се грижеле да не станат запуштени“, објаснува Маргита Рокштајн, кустос во музејот на Фребел во Бланкенбург.

Friedrich Fröbel
Германскиот педагог Фридрих Фребел, основач на првата детска градинка во светотФотографија: picture-alliance/akg-images

Револуционерна педагогика

Фробел го сметал тоа за недоволно. Инспириран од идејата на просветителството, тој ги сфаќал луѓето како слободни индивидуи, кои од самото раѓање се создадени за слободен развој. Во тоа, според Фребел, спаѓа и образованието. За него, како и за швајцарскиот реформаторски педагог Јохан Хајнрих Песталоци, кај кого Фребел студирал, образованието за сите деца, независно од потеклото и полот, бил основен столб на едно демократско општество.

Но, Фребел отишол и чекор подалеку од неговиот ментор и го застапувал ставот дека децата треба колку што е можно порано да добијат можност за образование. Но, посебно за малите деца, под тоа не подразбирал настава, туку сметал дека децата најдобро учат преку играта.

„Педагогијата на Фребел беше револуционерна, оти тој уште тогаш го осозна она, што ние и денес постојано го нагласуваме во развојната психологија, имено дека учењето и развојот се активен процес“, вели Петра Штремел, психолог од Високата школа за применета наука во Хамбург. Наместо на пасивните деца да им се „тура наука в глава“, тој сакал на децата да им препушти да го истражат својот свет.

DDR Jena Kindergarten 1968
Фотографија: picture-alliance/Universität Jena

Професионалност

Фребел правел играчки во форма на геометриски фигури, како коцка, цилиндер или топка, за на малите деца да им ги пренесе математичко-физичките закономерности. Воспитувачите и воопшто возрасните притоа имале задача со зборови и емоционално да ги придружуваат децата при играњето. Така децата учат да го артикулираат доживеаното и ги развиваат своите социјални компетенции.

Првата детска градинка во светската историја Фребел морал веќе по две години да ја затвори поради недостиг од пари. Но, не потклекнал и патувал за да држи предавања и да обучува професионални воспитувачи во смисла на неговото учење. Во почетокот најчесто со училиштата управувале мажи, подоцна првенствено немажени жени, на кои Фребел им отворил тогаш ретка можност за квалификувана професија.

Kindergarten DDR 1957 Kinder und Betreuerin
Фотографија: Imago/Marco Bertram

Извозен хит детска градинка

Но, по крајот на граѓанско-демократската револуција од 1848 година, пруската држава забрани премногу прогресивни педагошки концепти. На властодршците им беа помили послушни поданици отколку слободно мислечки индивидуи. Во најголемата од поединечните германски држави од август 1851 година веќе не смееше да има детски градинки. Изгледаше дека е тоа крајот на реформата на педагогијата на Фребел, уште повеќе и затоа што тој почина неполна година подоцна, на 70-годишна возраст.

Но, фактички тогаш започна победничкиот поход на детските градинки во светот. Воспитувачките од Прусија, најчесто многу мудри, образовани жени, кои зборувале и странски јазици - како што објаснува кустосот Маргита Рокштајн - масовно се преселувале во земји во кои капитализмот бил понапред и во кои потребата од детски градинки била поголема отколку во Германија и таму го пренесле концептот. Втората сопруга на Фребелс имала контакти со Русија, каде наводно и писателот Лав Толстој се интересирал за учењето на Фребел. Други ја пренесле идејата за детски градинки во Англија, Франција, Шпанија, САД, па се’ до источна Азија.

Името е програма

Schwerin Kindergarten Kindertagesstätte 1957 Kinder und Betreuerin
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Со концептот, во светот стигна и неговото име. Успехот веројатно се состои во тоа, што Фребел многу внимателно го одбрал името „детска градинка“. „Со тоа Фребел покажува дека детето го гледа како зрно семе, во кое потенцијално е се’ содржано“, вели Маргита Рокштајн.

Психологот Петра Штремел во сликата за градина гледа уште еден аспект: „Тоа оди во насока дека децата треба соодветно да ги развиваат своите потенцијали, но и да добиваат сосем одредени иницијативи со кои треба критички да се соочат“. Тоа е како со растенијата во градината кои треба да растат, но и се поткаструваат за да не подивеат.

Необично е дека токму во Германија речиси филозофскиот поим „детска градинка“ во меѓувреме е потиснат од бирократскиот израз Kindertagesstätte („дневни престојувалишта за деца“) и неговата кратенка „Кита“. Но, утешително е дека и во Кита концептот на Фребел до денес е актуелен - и не само во Германија.