1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десниот екстремизам му се заканува на Западен Балкан

18 ноември 2011

Иако се соочени со делување на екстремни идеологии, државите од Западен Балкан ниту дваесет години по војната немаат соодветен одговор на јакнењето на десниот екстремизам, оценуваат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/13CwV
Десниот екстремизам во Западен Балкан се манифестира преку национална или религиска нетрпеливостФотографија: DW

Десниот екстремизам во западно-балканските држави повеќе се манифестира на национална и (или) религиска основа, отколку преку расна или политичка нетрпеливост. Во Србија, Хрватска и БиХ делуваат различни групи, чија идеологија се заснова на негирањето на другите и различните од себе, а аналитичарите оценуваат дека тие често имаат упоришта и во институциите на власт.

Десниот екстремизам ја отежнува нормализацијата на односите во регионот

Yugoslavia topographic map
За десниот екстремизам во Босна се верува дека е увезен од соседните земји, но и од оние во арапскиот светФотографија: AP

Пример за спрега меѓу десниот екстремизам и политичарите во БиХ дава професорот на сараевскиот Филозофски факултет, д-р Салих Фочо.

„Политичките сили ја потхрануваат конфликтноста во БиХ, криејќи се зад Дејтонскиот договор и користејќи екстремни десничарски групи да го оневозможат враќањето на бегалците, а со тоа и реинтеграцијата на БиХ во рамките на предвоениот статус“, забележува д-р Фочо.

Професорот верува дека десниот екстремизам во БиХ е увезен од државите во регионот, преку четничките и усташките движења, како и од арапскиот свет, преку вехабиите.

„Војната и економската криза овој простор го направија подобен за манипулирање, а екстремните групи кои делуваат овде сакаат да ја дестабилизираат Европа и да спречат нормализација на состојбата на просторот на поранешна Југославија“, вели д-р Фочо.

Со неонацистичките групи манипулира и државата?

Dusan Janjic
Професорот Душан Јањиќ смета дека десниот екстремизам во Србија е поврзан со навивачките групи и го има во речиси секој српски градФотографија: Zulfija Jakupi

Београдскиот социолог, д-р Душан Јањиќ препознава два правци на екстремната десница која делува во Србија и во другите балкански држави.

„Еден беше во функција на распад на поранешна Југославија и создавање на нови држави, и во него спаѓаат Српската радикална партија и Хрватската партија на правото, а вториот е поврзан со случувањата во Европа и кризата на либералната демократија и глобалната економија“, вели Јањиќ и дополнува:

„Тоа се неонацистички групи, како ’Националниот одред’, ’Српското народно движење – Наши’ и делови од ’Српското народно движење – 1389'. Таквите организации најчесто се групираат околу екстремни делови на навивачките групи и ги има во речиси секој српски град. Со нив манипулира и државата, за да работат за неа валкани работи поврзани со дрогата, односно организираниот криминал“, наведува Јањиќ.

Десен екстремизам на национална и религиозна основа

RUSSIA_SKINHEADS_26GNT__NXD_s3.jpg
Аналитичарите сметаат дека земјите од Западен Балкан во иднина ќе се соочат со најрадикални облици на десен екстремизамФотографија: AP

„Десниот екстремизам е присутен и во Хрватска, за што либерално-демократските сили мораат да водат сметка“, порачува за Дојче веле професорот на Филозофскиот факултет во Загреб, д-р Иво Голдстеин. Тој смета дека десниот екстремизам во Хрватска, но и во другите држави на регионот, денес не е толку многу врзан со Втората светска војна и поранешното национал-социјалистичко движење.

„Тој екстремизам, со презир и омраза кон другите, оние од друга вера или нација, го разјадува општественото ткиво во самата држава, а во исто време ја отежнува нормализацијата на односите со соседите. При тоа мораме да бидеме свесни за фактот дека еден екстремизам храни друг екстремизам, што е карактеристично за мнозинството западно-балкански држави, посебно за БиХ“, вели д-р Голдстеин.

Аналитичарите веруваат дека на западно-балканските држави допрва им претстои соочување со најрадикалните облици на десниот екстремизам, односно неонацистите, бидејќи социјалното дно на економската криза се’ уште не испливало. Душан Јањиќ смета дека во целиот регион може да дојде до пораст на неонацизмот, односно дека „Балканот во наредните три до четири години ќе се придружи на европскиот тренд во смисол на јакнење на десниот екстремизам“.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски