Десетти роденден на Твитер
21 март 2016На своите корисници Твитер им овозможува распространување на твитовите, односно кратки вести долги до 140 знаци, фотографии, линкови или видеа. Затоа Твитер некогаш го нарекуваат и „интернетски СМС“. Регистрираните корисници преку кликнување со глувчето можат да маркираат личности кои сакаат да ги следат. Тоа значи: тие одлучуваат чии твитови сакаат да ги добиваат на својата приватна страница. Така, тие креираат сопствен дигитален прилив на информации. „Валутата“ на Твитер е бројот на оние кои следат некого, бројот на „следбеници“. Меѓу ѕвездите на Твитер во оваа дисциплина спаѓаат музичките икони Кети Пери и Џастин Бибер со околу 80 милиони луѓе кои ги следат нивните твитови. Твитер е основан во 2006 година од Џек Дорси.
За полесно пронаоѓање на сопствените твитови во постојаната Твитер-река, корисникот може своите пораки да ги означи со т.н. хаштаг. Така корисниците можат да го пребаруваат Твитер според одреден поим и да добијат увид и во сите твитови на другите корисници означени со истиот хаштаг.
Вонредни вести со помалку од 140 знаци
Во јануари 2011 година Твитер за многумина новинари доби на значење: демонстрантите на Блискиот Исток ги користеа социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук за организирање на својот отпор против репресивните режими. Во текот на т.н. Арапска пролет твитовите на пример со хаштагот "#egypt " станаа извор на вести кој го снабдуваше светот со информации од теренот. За време на важни настани, Твитер регистрира стотици илјади твитови во секунда. Кога американскиот претседател Барак Обама во 2012 година беше реизбран на функцијата, платформата Твитер индексираше преку 320.000 твитови во секунда.
Кратко пред десеттиот роденден на Твитер беше соопштено дека бројот на активни корисници во последниот квартал од 2015 првпат е намален. Според податоците, бројот на корисници на Твитер во светот изнесува 320 милиони (состојба за јануари 2016 година).