Десетпати побрз раст од германската економија
26 август 2016Со оглед на тоа дека сите тренери во првата Бундеслига, освен еден, типуваат дека во мај следната година Баерн повторно ќе биде првак, минхенскиот клуб веќе слободно може да ги „трие рацете“. ФК Баерн е клуб со најмногу навивачи, најмногу фан клубови, а рекламите на овој клуб допираат до најголем број на луѓе. Поради тоа тој се смета за клуб со „најдлабоко ќесе“, а неговите фудбалери се едни од најдобро платените.
Но, и останатите фудбалски клубови не можат да се пожалат. Од година во година заработуваат сѐ повеќе пари. Во таа смисла, Кристијан Зајферт, директор на Германската фудбалска лига (ДФЛ), пред една година изјави: „Оној кој бележи десет пати побрз раст од целата германска економија се наоѓа во стабилна позиција“. И Карстен Холаш, раководител на Спорт-бизнис групата го потврдува истото. Тој во разговор со Дојче веле вели дека во оваа сфера веќе се развил „солиден и континуиран раст“.
Благодарение на големиот интерес на публиката, прволигашите собираат голема сума на пари од продажбата на влезниците. Холаш налгасува дека „Бундеслигата и тука забележува раст од 8%“. На натпреварите во Бундеслигата во просек доаѓаат 43.000 гледачи. „Бундеслигата едноставно е магнет за публиката“, вели Холаш.
Нема да има „голем тресок“
Сепак, медиумските права за пренос на натпреварите и понатаму остануваат најголем извор на средства за овој професионален спорт. Халаш нагласува дека за претстојната сезона 2016/2017 која почнува денеска (26.08) веќе е постигнат рекорд: „Добивката споредено со минатата сезона енормно порасна“.
Од прашањето кој клуб на крајот на своите навивачи ќе им го претстави победничкиот трофеј, можеби поинтригантно е прашањето дали се достигна лимитот на моменталните финансиски димензии во професионалниот фудбал? Можеби целата оваа работа е толку „надувана“, па на крајот би можела да заврши со „голем тресок“? Холаш е цврсто убеден дека не се работи за никаква пренадуваност, туку дека економскиот ефект на клубовите и понатаму расте.