Десет совети за новите пратеници за подобра дебата
18 март 2017Веќе три години ја следиме парламентарната дискусија. Во рамки на нашиот проект „Собранието под лупа“ ги слушаме говорите, репликите и контрарепликите на избраните од граѓаните на седниците на Собранието. Во периодот од април 2014 година, па до распуштањето на последниот состав на Собранието во октомври 2017 година, ислушавме над 6.200 (шест илјади и двесте) говори на пратениците за стотици закони, предлог-закони, измени на закони, извештаи и најразлични актуелни теми за кои дискутираа. Секоја од овие дискусии поединечно ја разложувавме на составни делови. Ги лоциравме аргументите со кои говорникот ја образложува својата позиција за одредена тема. Гледавме дали некој претходно кон истиот говорник упатил некакви аргументи, па потоа како тој одговара на нив. Дали ги избегнува или одговара директно и дали ги извртува со цел да го пренасочи разговорот во друга насока. Утврдувавме каков е односот на говорникот кон другите учесници на седниците, дали ги напаѓа, дали ги навредува, дали искажува основно почитување кон своите колеги и нивните аргументи. Забележувавме и дали во дискусијата користат непристоен говор со кој ги навредуваат соговорниците, дали говорникот ги прифаќа аргументите на другите учесници и дали поради квалитетот на туѓите аргументи евентуално ја менува својата позиција.
Дел од анализата беа и прашањата дали говорникот смета дека ако се прифатат неговите аргументи, тоа ќе придонесе за подобрување на состојбата на некоја група во општеството или на сите граѓани. Се фокусиравме да препознаеме и дали во дискусијата говорникот користи и невербална комуникација односно со говорот на телото и гестикулации испраќа и други пораки до слушателите и јавноста. Конечно, забележувавме и дали говорникот е слободен од говорницата да ги изнесе своите ставови слободно, или е попречуван од другите.
Сето ова ни овозможи во овој период да го согледаме начинот на кој пратениците преку својата главната алатка, а тоа е говорот, ги создаваат и ги носат одлуките во законодавниот дом. Тие одлуки потоа влијаат на целото општество. Влијаат врз собирачите на смет кои наутро го собираат отпадот од градските контејнери, земјоделците, сметководителите, уметниците, социјалните случаи, полицајците, војниците, студентите, лекарите, новинарите, професорите, овоштарите, поплавените, невработените, децата, па и врз нив, самите- политичарите. Но, од тоа што го видовме не сме импресионирани. Сметаме дека Собранието и пратениците можат подобро. Многу подобро. Од ова искуство, пред пратениците од новиот состав да седнат во собраниските столчиња им упатуваме неколку едноставни совети за како да ја подобрат генералнaта слика за парламентот преку тоа што ќе ја подобрат основната алатка во нивната работа, а тоа е дискусијата со која ни ја обликуваат реалноста и животот. Во Собранието разговорот е најважен.
1. Избегнувајте ад-хоминем напади:
Нападот врз личноста на другите пратеници најчесто се користи кога немате подобар аргумент. Собранието е место на дискусија, каде пратениците треба да дискутираат со аргументи за да носат закони кои се разумни. Но, ако наместо користењето аргументи за докажување на Вашата поента зошто сте „за“ или „против“ еден закон, или зошто туѓите аргументи не се добри, Вие ја напаѓате личноста која ги изнесува тие аргументи тогаш е јасно дека немате што да одговорите, па се обидувате да го насочите вниманието на друга страна.
2. Поквалитетна аргументација:
Пред граѓаните кои ги претставувате, треба да докажувате дека поседувате способност да истражите и да носите добри одлуки во нивно име. Често е потребна поразновидна и поширока аргументација за едно прашање. Ако целата пратеничка група во целата дискусија постојано повторува еден, два или три исти аргументи тогаш тоа може да се толкува и дека позицијата ви е доста слаба.
3. Основна почит кон другите:
Собранието е претставничко тело. Вие сте избрани од граѓаните, но тоа што се случува таму се одразува врз нив. Вие 120 пратеници претставувате два милиона граѓани. Го претставувате нивниот глас, право и достоинство. Ако се однесувате со непочитување или навредливо кон другите пратеници тоа значи дека се однесувате навредливо и кон граѓаните кои тие ги претставуваат. Дополнително, навредите оневозможуваат да се создаде конструктивна атмосфера за аргументирана дискусија. Навредите го спуштаат нивото на дискусијата на лична препирка во која е невозможно да се дојде до решение прифатливо за што повеќе засегнати. Навредениот ги доживува своите соперници како непријатели и сѐ што доаѓа од нив, па дури и тоа да се квалитетни аргументи или предлози за него стануваат непријателски. Некогаш само една навреда е доволна целосно да се поткопа конструктивен процес на градење и носење одлуки. Коректниот однос е задолжителен.
4. Бранко и Љубчо се виновни:
Што се случувало во минатото често е избегнување на сегашноста. Осврнувањето на настани од пред повеќе години не ги решава денешните проблеми. Не е аргумент обвинувањето на одредени личности за настани во кои тие не биле вклучени. Македонија е жива во 2017 година, нејзините граѓани живеат во 2017 година. Аргументирајте според 2017-та година.
5. Одговарајте директно:
Избегнувањето да одговорите директно на аргументите на другиот, или одговарањето само на дел од нив докажува дека Ви недостасуваат аргументи и контра-аргументи што на крајот ја ослабнува Вашата позиција.
6. Поголема насоченост кон решенија:
Секој проблем има свое решение. Ако го барате, ќе го најдете. Проблемот е што често тоа нема да биде решение кое сте го посакувале, но сепак ќе биде решение. Еден проблем кој постоел, веќе нема да постои. На граѓаните тоа им е важно. Политичкото рекламирање на тоа кој е одговорен за решението на еден проблем е далеку подобро од политичкото рекламирање за тоа кој е виновен за еден проблем.
7. Дебатирањето е вештина:
Никој не очекува дека пратениците мора од првиот ден да станат првокласни оратори. Меѓутоа, тоа е вештина која се учи и вежба. Колку подобри оратори станете, толку повеќе ќе успеете да го придобиете вниманието на колегите и на јавноста. Толку повеќе луѓе ќе бидат заинтересирани да ги слушнат вашите аргументи. Употребата на приказни и анегдоти е добра алатка која сувопарните легислативни дискусии може да ги направат попривлечни за повеќе луѓе, а со нив можете и поефективно да го илустрирате проблемот и полесно да ја пренесете поентата која ја докажувате и таа да им биде јасна на што е можно повеќе луѓе.
8. Непријателство:
Првиот парламент настанал со едноставна цел - да се ограничи моќта на монархот и борбените секири да се заменат со зборови. Денес, тоа е местото каде претставниците на граѓаните со разговор треба да ги усогласуваат неусогласеностите, да ги надминуваат расправиите, да ги решаваат проблемите, да ги предвидуваат опасностите. Ако парламентот престане да ги остварува овие функции, тогаш реално станува институција без суштина. Непотребна. Ако не дискутирате за проблемите тоа не значи дека општеството ги заборава. Ако го затворите форумот за непријатните проблеми, тие ќе се излеат на улица. Едноставно е. Парламентот е местото каде спорните прашања треба да се надминуваат и да се решаваат. Меѓусебната перцепција на непријатели вкопани во различни ровови нема да помогне да се реши ниту еден проблем. Пратениците во Собранието не се војници од ровови во Првата светска војна.
9. Менување на став не е предавство:
Не е страшно ако го смените ставот. Ако се поставите во чевлите на Вашите противници и притоа заклучите дека тие се во право, не е злосторство ако го смените својот став, па дури и кога тоа се коси со позицијата на Вашите партиски колеги. Напротив, тоа се очекува од вас. Имате плата, имунитет и интегритет за да го барате најдоброто можно решение за граѓаните, па дури и кога тоа му текнало на пратеник од друга партија. Замислете, ако Вие не можете да ја смените својата позиција поради подобри аргументи или поисправен став на Вашите противници, како тоа може да се очекува од обичните граѓани? Преку вакви постапки Вие директно градите подемократска атмосфера и ја унапредувате политичката култура.
10. Глупав предлог:
Крајно, ако нечиј предлог и аргументација се глупави, што воопшто не се исклучено дека може да бидат такви, наместо да ги нарекувате глупави, објаснете ѝ коректно на јавноста и на граѓаните зошто се тие глупави. Ќе сфатиме ако се такви.
Влора Речица и Јане Димески се членови на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.