Десет причини да го посетите Берлин во декември
Германскиот главен град е пулсирачка метропола и магнет за љубителите на ноќниот живот. Во предбожиќниот период Берлин ја прикажува и својата волшебна страна.
Шармот на Шпандау
Еден од најубавите божиќни панаѓури во Берлин е традиционалниот пазар во стариот градски центар Шпандау. На историската калдрма повеќе од 250 трговци продаваат јадење и ракотворби од четири континенти. Тука се наоѓаат скандинавски лосос „на оган“, украински лампиони и задолжителното варено вино.
Дворецот Шарлотенбург
Свеченото осветлување на барокното здание речиси го фрла во сенка божиќниот пазар пред дворецот Шарлотенбург. Во паркот пред дворецот покрај уметничките ракотворби се наоѓаат и историски вртелешки.
Во западниот дел на центарот
Сликата на Брајтшајдплац значително се промени во последните години. Спроти божиќниот пазар кај Меморијалната црква (Gedächtniskirche) на располагање стои цел ансамбл хотели, ресторани и модна стоковна куќа.
Сјајот на булеварот Ку'дам
Централниот булевар на западот во декември зрачи со свечен сјај. Курфирстендам е празнично украсен со безброј светилки, лампиони и фигури. Меѓу нив и берлинската мечка и Дедо мраз.
Три елки за канцеларката
За време на Божиќ речиси во секоја дневна соба во Германија има божиќна елка. Исто така и пред кабинетот на канцеларката од крајот на ноември стои накитена божиќна елка висока 15 метри. Во внатрешноста има уште две помали елки.
Сјајот на булеварот Под липите
Булеварот Под липите (Unter den Linden) десетта година по ред е посебно осветлен за Божиќ. На 220 липи меѓу Бранденбуршката порта и универзитетот Хумболт се распоредени вкупно 60 километри божиќни светилки, кои ќе го красат овој дел од градот до 1. јануари.
Ѕвезденото волшепство на Потсдамер плац
Штом ќе падне мракот Сони центарот на Потсдамер плац во Берлин заблескува во шарени светлосни бои, и тоа преку целата година. Во предбожиќното време се вклучени уште повеќе од 100.000 светилки, сјајни и сини.
Божиќ на Жандарменмаркт
На Жандарменмаркт е класично убаво за време на Божиќ. Меѓу кулите и барокниот концертен дом посетителите можат да уживаат во кулинарските специјалитети, рачните изработки и разноликата програма.
Панаѓур на Александерплац
Шарен и бучен се презентира божиќниот панаѓур на Александерплац. Тука има лизгалиште, рингишпил и сѐ она што може да се најде на панаѓур. Мирно е само горе на големото тркало, од каде од висина од 60 метри се пружа убав поглед на Берлин.
Божиќни песни во Кепеник
Сѐ започна во 2003 година. Тогаш 89 ентузијасти се сретнаа на стадион за со колачи и варено вино да пеат божиќни песни. Од година во година имаше сѐ повеќе пејачи. Минатата година дојдоа 27.500 во стадионот во Кепеник. И оваа година се очекува на 23. декември да се соберат илјадници на заедничко пеење.