1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата не создава банкарска паника

Костадин Делимитов9 јуни 2015

Граѓаните стравуваат од кризата но барем засега не ја губат довербата во банките. Трезорите и натаму важат за најбезбедно место за чување на заштедите, барем за оние кои тие можат да си ги дозволат.

https://p.dw.com/p/1FdoP
Фотографија: DW/B. Georgievski

Психолошкиот ефект веќе се чувствува врз потрошувачката, помалку се троши, инвестициските планови се одложуваат, се чуваат пари за не дај боже. Податоците од Народната банка покажуваат дека состојбата со депозитната маса кај банките и штедилниците е непроменета. Од почетокот на годинава дури е и во благ пораст. Граѓаните велат дека штедат, чуваат пари во банка, но и под перница:

„Имам некој денар на штедна книшка но засега не размислувам да ги вадам. Орочени ми се и земам каква таква камата. Ги чувам за не дај боже, но знаете ако дојде голема криза и со тие не можеш ништо да направиш!..Немам ниту депозит, ниту пари во банка, едвај крпам до први во месецот, заглавени сме со минуси на картичките и вртиме, се снаоѓаме како умееме!....Да ви кажам искрено не ми е пријатно кога го гледам ова што се случува. Планирав да реновирам дома но сепак тоа сега ќе почека. Искрено, имам нешто заштеда на сметка, но дел чувам и дома. Онака за итни ситуации, не дека немам доверба во банките, туку да ги има што се вели при рака во секој момент“, велат неколку граѓани што ги анкетиравме пред една банкарска филијала во Скопје.

Ваквата состојба според експертите барем засега е очекувана, но далеку дека е сигнал за стабилност. Напротив, ако кризата не попушти и се продлабочи тогаш отворени се сите сценарија, па и веќе видените од периодот на воениот конфликт:

Мртвило во бизнисот

„Засега нема такви сигнали како во 2001 година, кога имаше елементи на банкарска паника, масовно повлекување на депозитите од населението и притисок врз курсот. Тогаш Народната банка со драстично зголемување на есконтната стапка ја стабилизираше состојбата за да го одржи курсот, а подоцна се смири и паниката. Сега според мене немаме такви елементи. Сведоци сме на едно мртвило што го има зафатено бизнисот, сите се во одредено очекување на оваа ситуација и никој не презема чекори што може да се одрази врз стапките на економскиот раст. Но факт е дека ова не може да оди во недоглед. Мора да се најде разрешница за доброто на Македонија, брза разрешница, зашто ова е пат ситуација, лимбо состојба која што не може долго време да биде без крупни економски последици. Ако се случи влошување или продолжување на кризата тогаш јас се согласувам со ставот на гувернерот Димитар Богов дека прв чекор ќе биде зголемување на каматните стапки. Рестриктивна политика за да се задржи стабилноста. Во таков случај се` ќе биде поскапо. Таа цена мора да се плати“, предупредува за Дојче веле универзитетскиот професор и поранешен гувернер Љубе Трпески.

Zypern Nikosia
Фотографија: Getty Images

Од деловните банки велат дека засега не регистрираат одредени потреси во работењето:

„Според моменталните состојби, актуелната политичка криза не предизвикува промени во работењето на банката од аспект на депозити, кредити или повлекување на пари од банката. Се надеваме дека изјавата на гувернерот Богов навистина била извлечена од контекст, бидејќи секоја конкретна најава на гувернерот за идни можни мерки за жал предизвикува моментални промени кои веднаш се чувствуваат и тука нема простор за шпекулации од типот што би било кога би било.

Што се однесува до монетарната политика сметам дека е олабавена на ниво кое дава доволно простор за инвестициски активности и зголемување на кредитирањето, со историски најниско ниво на каматни стапки. Кај одредени банки забавената динамика на кредитирање не се должи на влијанието на монетарната политика, туку индивидуалните проекти на компаниите и правната несигурност“, коментира за Дојче веле директор на една од најголемите банки во Македонија.

Депозитите стабилни

Позначајни промени засега не се чувствуваат ниту на девизниот пазар:

„Да ви кажам работата е падната веќе подолг период, но не сметам дека тоа е одраз на ова што сега се случува со политиката. Едноставно нема пари како порано. Динамиката е иста како и пред неколку месеци. Се купуваат најмногу евра, доларот беше некое време атрактивен кога растеше но еврото е доминантно во тргувањето“, коментира сопственик на менувачница во главниот град.

Податоците на Народната банка покажуваат стабилност во делот на депозитите кај граѓаните и фирмите. Заклучно со април депозитите на домаќинствата изнесуваат 3,2 милијарди евра. Благ пад во споредба со стартот на годината е регистриран кај фирмите кои на име депозити во банките чуваат нешто повеќе од една милијарда евра.