1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот кога во Германија гореа книгите

Марк Фон Липке Шварц/ Б. Георгиевски10 мај 2013

На денешен ден, 10. мај 1933, во Германија беа запалени голем број книги. Пред очите на одушевената маса народ, националсоцијалистите запалија десетици илјади книги на „неподобни“ автори.

https://p.dw.com/p/18V5X
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Само во Берлин на Плоштадот на операта се собраа околу 70 илјади луѓе. Студентите со камионетки и со колички донесоа повеќе од 20 илјади книги, меѓу нив и дела на познати германски писатели како Хајнрих Ман, Ерих Марија Ремарк или Јоахим Рингелнац. Студентскиот лидер Херберт Гутјар одржа говор полн со омраза:

„Се’ она што не е германско му го предаваме на огнот!“

Тогаш 23-годишниот Гутјар беше првиот кој во огнот фрли купче книги. Беа тоа дела чии пораки, според нацистичката идеологија, беа „негермански“. Запалени беа и книги на автори кои важеа за непријатели на националсоцијализмот. Немаше причина студентите да стравуваат бидејќи палењето на книгите го одобруваа вработените во библиотеките, па дури и многу професори.

Кога во јануари 1933. националсоцијалистите ја презедоа власта, Адолф Хитлер доби диктаторски овластувања. Почна борбата за германските идеи. Во дискриминацијата на Евреите се истакнуваше тогашниот министер за пропаганда Јозеф Гебелс. Палењето на книгите на Плоштадот на операта во Берлин беше централна манифестација. Целиот чин беше пренесуван и на радио. Многу студенти носеа униформи на СА или СС. Еден од нив порача:

„Му ги предавам на огнот списите на школата на Зигмунд Фројд. Против искриволчувањето на германската историја и омаложувањето на нејзините великани, од стравопочит кон нашето минато. На огнот му ги предавам списите на Емил Лудвиг Кон...“

Bücherverbrennung im Dritten Reich
Фотографија: picture-alliance/Georg Goebel

Околу полноќ пристигна и Јозеф Гебелс кој одржа говор пред воодушевената маса.

Геноцид над книгите

Светските медиуми беа вџашени. Американскиот магазин Њузвик палењето го нарече „геноцид врз книгите“. Запалени беа и книги на писателот Хајнрих Хајне, кој уште во 1821. напиша: „Кога горат книгите на крајот ќе горат и луѓето“. Меѓу германските интелектуалци и уметници таа година дојде до невиден егзодус. Многумина ја напуштија земјата. Нобеловецот Томас Ман во 1940. преку Би-Би-Си го осуди нацистичкиот режим:

„Ова е глас на предупредување - да ве предупредувам Вас тоа е единствената услуга која еден Германец, како јас, денес може да ви ја стори“.

Thomas Mann
Томас МанФотографија: picture-alliance/dpa

На оние кои останаа во Германија често им беше забранувано објавувањето на нивните дела. Сепак, најболно беше сознанието дека токму студентите беа тие кои помагаа во палењето на книгите во 1933. година.