1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска преглед на „Пуч“ во Судот, утре „преглед“ на Судот

Катерина Блажевска1 јуни 2015

Судската контрола на обвинението од „Пуч“ се случува само еден еден пред доаѓањето на комесарот Јоханес Хан, кој утре во Скопје ќе посредува во разговорите на партиските лидери за излез од политичката криза.

https://p.dw.com/p/1FZv3
Фотографија: DW/K. Blazevska

Кривичниот суд во Скопје денеска на јавна седница ќе ги разгледа приговорите на обвинението што ги поднесоа адвокатите на Зоран Заев и другите обвинети во случајот „Пуч“, по што ќе одлучи дали предметот ќе продолжи со судење или ќе го врати во истрага. Ваквата јавна седница на која ќе бидат разгледани приговорите на адвокатите, е задолжителна фаза предвидена во Законот за кривична постапка. На седницата ќе присуствуваат обвинителот, обвинетите и нивните адвокати. Адвокатскиот тим на Заев на денешното рочиште детално ќе образложи зошто судот треба да го отфрли обвинението. „Ставот на одбраната е дека обвинението е една целосно неиздржана правно-политичка конструкција, на која не смее да и‘ се дозволи да дојде до судница“, вели адвокатот за Заев, Филип Медарски.

„Одбраната ќе побара тоа обвинение да биде одбиено од страна на Советот за оценка на обвинителниот акт, бидејќи во описот на делата за кои се товарат обвинетите недостигаат определени законски елементи. На пример, кај кривичното дело ’шпионажа’ во описот од обвинението недостига прецизирање на ’странската држава, организација или лицето кое им служи...’ за која наводно биле прибирани податоците. На рочиштето ќе биде побарано и издвојување на определени докази од списите на предметот, поради повреда на постапката при нивното прибирање. Така, на пример, ќе се бара издвојување на дел од материјалите кои се прибрани со посебните истражни мерки поради нивното јавно објавување, што претставува кривично дело на некое од службените лица, кои имале допир со нив. Генерално, ставот на одбраната е дека обвинението е една целосно неиздржана правно-политичка конструкција, на која не смее да и‘ се дозволи да дојде до судница“, вели Медарски.

На одбраната нема да и‘ недостигаат аргументи во оваа насока, со оглед дека снимки обезбедени со посебни истражни мерки, на чуден начин и‘ ’избегаа’ на обвинителската папка и во неколку наврати се најдоа на Јутјуб.

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Зоран Заев се товари за „насилство кон претставници на највисоките државни органи“Фотографија: Petr Stojanovski

Тешки обвинувања

На 30 април годинава Обвинителството поднесе обвинителен акт против петмина осомничени. Првообвинет е поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, кој се товари за „неовластено прислушување и тонско снимање“, „шпионажа“ и „насилство кон претставници на највисоките државни органи“. Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во УБК, осомничен за потикнување на дело „неовластено прислушување и тонско снимање“ и „шпионажа“. Звонко Костовски вработен во МВР, кој беше уапсен во акцијата „Пуч“ заедно со неговиот колега Лазаревски, уште во текот на истрагата склучи спогодба со јавниот обвинител, ја призна вината и е осуден три години затвор. Обвинета за делото „шпионажа“ е и сопругата на Зоран Верушевски, Соња, а четвртообвинет е лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој се товари за „насилство кон претставници на највисоките државни органи“. За тоа дело според Кривичниот законик минимална казна е 4 години затвор. За помагање во истото дело се товари и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Сите се во притвор, освен Заев, на кого овој месец му беше вратен одземениот пасош, за да може да присуствува на политичките разговори во Стразбур. Лидерот на СДСМ, пред пет дена и самиот повика Обвинителството да ги повлече обвиненијата против обвинетите во предметот „Пуч".

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

„Нема никаква логика, мене како осомничен за насилство врз премиерот, да ми е вратен пасошот, да сум на слобода и да можам да шетам по светот, а Бранко Палифров, осомничен за помагање, да е во притвор“, изјави Заев, по презентацијата на една од „бомбите“.

Незгоден момент

Колку што е насочено вниманието кон денешната т.н. „контрола на обвинението“ од „Пуч“, уште повеќе е фокусирано кон суптилноста на моментот во кој таа се случува: само еден еден пред доаѓањето на комесарот Јоханес Хан, кој утре во Скопје ќе посредува во разговорите на партиските лидери за излез од политичката криза. Аналитичарите немаат дилема дека денешниот епилог во судот може да и‘ „пресуди“ на утрешната рунда разговори, во смисла да ја мотивира или демотививира желбата за разговори кај опозицијата, особено што случаите „Пуч“ и „Прислушкување“ досега не добија ист третман. Опозицијата до Јавното обвинителство досега предаде 10.000 страници докази за масовната операција на нелегално прислушување, кои содржат повеќе од 100.000 разговори во транскрипти и повеќе од 18.000 смс-пораки. Во нив се и материјални докази за вработени кои го воделе системот на прислушување, телефонските броеви што биле таргети во системот на прислушување, псевдоними на сопственици и корисници на телефонските броеви, регистрација на локацијата на телефонските броеви и периодот на контрола. На 1.600 страници е доставена и т.н. репродукција на содржините на телефонските разговори кои биле наменети за краен корисник, а во нив била вршена анализа на разговори на опозиционери, новинари, невладини организации, интелектуалци, граѓани критички настроени кон власта. Но, досега ниту едно лице од власта не е повикано да даде исказ во Обвинителството по кривичните пријави што ги достави опозицијата. И официјален Вашингтон и Брисел досега неколкупати повикуваа сериозно да се истражат сознанијата што произлегуваат од аудио-снимките што ги презентираше опозицијата, но досега без ефект.

Поранешниот јавен обвинител, Стеван Павлевски, го коментира токму тој нееднаков пристап кон предметите.

„ Предметот 'Пуч' е ставен на експресно брзи шини, другиот не е ни ставен на шини. Тоа создава недоверба во правосудниот систем. Не сакам да навлегувам во проценки дали и колку незадоволството од тој факт може да влијае врз утрешните политички разговори, но таквиот однос веќе подолг период ја храни јавноста исклучиво со 'докази против опозицијата', а ги игнорира доказите против власта. Заклучокот од тоа е дека судството игра пресметана, калкулантска улога“, вели Павлевски.

Ако судиите, кои денеска ќе ја оценуваат содржината на обвинението и аргументите на одбраната, решат дека треба да има судење, тогаш предметот и формално ќе биде распореден кај судија кој треба да закаже судење.