1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонстрации по најтешката рударска несреќа во Турција

АТ/ дпа/афп/ртр15 мај 2014

По катастрофалната рударска несреќа во турскиот град Сома, во која загинаа 274 рудари бесот сѐ повеќе е насочен кон владата. Во Анкара и Истанбул имаше и судири меѓу демонстрантите и полицијата.

https://p.dw.com/p/1C0PX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Уличните сцени во главниот град Анкара и во Истанбул потсетуваат на големите судири изминатото лето, поради градежните планови во Гези паркот во Истанбул. Во двата града синоќа на улиците излегоа илјадници луѓе за да протестираат против премиерот Реџеп Таип Ердоган. Народот смета дека политичкото раководство е соодговорно за рударската катастрофа.

Во Анкара на демонстрации се собраа околу 4.000 луѓе, меѓу нив многу студенти. Тие сакаа да се упатат кон Министерството за енергија и притоа истрелаа поединечни пиротехнички средства кон полицијата, по што силите за безбедност употребија солзавец и водени топови.

Исто така во Истанбул повеќе илјади луѓе учествуваа на приотестите и скандираа пароли против владата „Сома не беше несреќа, туку убиство“, можеше да се прочита на еден од транспарентите. Полицијата и во Истанбул употреби солзавец, водени топови, но, и гумени куршуми. Повеќе луѓе беа повредени. Според очевидци некои од демонстрантите биле приведени. Спонтани демонстрации имаше и во други градови во Турција.

Türkei Istanbul Grubenunglück 14.05.2014
Најтешка рударска несреќа во историјата на ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Ердоган ја отфрла критиката

Премиерот Реџеп Таип Ердоган во Сома се информираше за актуелната состојба. Тој најави опсежна истрага. Стотици гневни жители демонстрираа во близина на зградата каде што Ердоган ја одржа прес-конференцијата. Тие бараа оставка на владата.

Премиерот отфрли секаква критика во однос на безбедноста на рудниците во земјата: „Експлозии како оваа во вакви рудници се случуваат постојано“, и тоа не само во Турција. За да ја поткрепи својата аргументација тој наброја рударски несреќи од целиот свет од 1862 година. Министерството за труд претходно објави дека овој рудник последен пат во март годинава бил проверуван во однос на мерките за безбедност.

Во најтешката рударска несреќа во историјата на Турција според последниот биланс загинаа најмалку 274 рудари. Владата соопшти дека уште 120 рудари се затрупани во рудникот. За нив има малку надеж дека ќе ја преживеат несреќата.