Демонстрантите во Сараево бараат ослободување на притворените
9 февруари 2014Собраните демонстранти пред Кантоналното обвинителство бараат ослободување на уапсените, а атмосферата е се‘ потензична, јавува Ал Џазира Балканс. Според репортерот на Ал Џазира, една од демонстрантките соопштила дека Обвинителството и Министерството за внатрешни работи одбиваат да ги пуштат притворените на слобода. Агенцијата Фена, меѓутоа, јавува дека на собраните демонстранти пред Обвинитлеството попладнево им се приклучил еден малолетник, кој бил уапсен и кој изјавил дека заедно со него попладнево бил ослободен уште еден малолетник. Според неговата изјава, тој бил уапсен вчера со група луѓе пред пазарот Сирано, по што бил однесен во Полициската управа Центар, каде, како што тврди, го тепале.
Фена претходно пренесе изјава на Исмет Аличковиќ, татко на Нихад Аличковиќ, кој бил уапсен во петокот и за кого во изминатите 48 часа не добил никакви информации. Таткото тврди дека не знае ниту каде е сместен неговиот син, ниту дали воопшто е жив.
Инаку, протестите во Сараево денеска (9.02) се следат со посебно вимание. Граѓаните беа повикани да излезат на улиците и да бараат смена на владејачката структура на Федерацијата БиХ, на чело со премиерот Нермин Никшиќ од Социјалдемократската партија (СДП)
По тридневни протести во Сараево, премиерот на кантоналната влада Суад Зељковиќ поднесе оставка. Демонстрантите бараат и смена на членовите на Претседателството на БиХ.
Премиерот на Федерацијата БиХ Никшиќ рече дека е „подготвен да даде оставка ако постои ново парламентарно мнозинство“. „Додека тоа не се случи, јас ќе ја извршувам оваа функција и ќе се борам за народот“, изјави Никшиќ. Тој додаде дека „единствено што е неопходно за промена на власта во Федерацијата БиХ се 50 гласови во Парламентот“ и рече дека „многу радо‘ би прифатил вонредни избори во федерацијата БиХ.
Членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ оцени дека „во ваква ситуација вонредни избори се единствена опција“.
Досега, по четиридневни протести, оставки поднесоа премиерите на кантоните Тузла, Зеница и Сараево. Ви Федерацијата БиХ има 10 кантони, а граѓаните бараат нивно итно укинување и намалување на обемната државна администрација во БиХ.