Демонстрантите во Истанбул не попуштаат, протестите продолжуваат
15 јуни 2013„Ќе продолжиме со нашиот отпор против неправдите во нашата земја. Денес сме уште посилни, подобро организирани и пооптимистични отколку пред 18 дена, кога почнаа протестите“, се вели во соопштението објавено на интернет од страна на протестното движење „Таксим солидарност“ по синоќешните (14.06) советувања. Претставници на протестното движење во четвртокот вечерта се сретнаа со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во неговата резиденција во главниот град Анкара. По средбата, владата соопшти дека спорниот градежен проект во паркот Гези ќе биде стопиран додека не биде донесена судската одлука за него, а потоа ќе биде организиран референдум на кој граѓаните на Истанбул ќе го кажат своето мислење. Вчера Ердоган ги повика демонстрантите, кои повеќе од две недели се собрани во паркот протестирајќи против негово уривање и изградба на некогашна османлиска воена касарна, да го напуштат во рок од неколку часа.
Плановите за преуредување на паркот во близина на плоштадот Таксим беа поводот за протестите, кои поради бруталноста на полцијата кон демонстрантите и непопустливоста на владата, се проширија и во другите градови. Во меѓувреме, протестите се‘ повеќе се насочуваат против премиерот Ердоган, кого граѓаните го обвинуваат за авторитарен стил на владеење и непочитување на различните мислања. Демонстрантите, претежно млади и секуларни, го обвинуваат премиерот и за прикриена поддршка на исламизирањето на земјата.