Демократски, но нефер
1 август 2014Зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано? Наместо едноставно гласање со писмо, турската влада се одлучи за комплициран метод и на вкупно 116 места во 56 земји организираше избирачки места. Во Германија гласањето за првиот круг од изборите на 10. август трае четири денови (31.07. до 03.08.), но само во седум градови. Освен тоа, како и досега, подолг период на турските гранични премини стојат избирачки кутии, за на луѓето кои одат на одмор да им се овозможи гласање.
Што има тука да се забележи? Формално правно сѐ е коректно усвоено и спроведено, може да се аргументира. Ако површно се гледа, тоа е точно, но како што е познато - ѓаволот лежи во деталите.
Ердоган сака да ја прошири власта
Сметката на Ердоган е јасна: со искачувањето на највисоката државна функција во Турција тој сака да ја прошири својата власт до таа мера што на неговите критичари и демократските сили им остави уште помалку воздух за дишење. Тој би можел да го спушти резето за многуте обвинувања за корупција и скандалите за злоупотреба на функцијата. Кон ова се надополнува политизацијата на исламот, или во зависност од гледиштето - исламизација на политиката. Под водство на Ердоган турскиот народ од 2002 година сѐ повеќе ја продлабочува идентификацијата преку религијата.
Факторот религија значително ја зајакна самодовербата на Турците во дијаспората и пред сѐ кај германските Турци. Таа помага да се надмине, како субјективното чувство на запоставување, така и запоставувањето кое објективно се случува од страна на мнозинското население во секојдневието.
Турците во странство не се одлучувачки фактор
Гласовите на Турците во странство сепак нема да играат голема улога на овие претседателски избори: Од вкупно 53 милиони Турци со право на глас, 1,4 милиони можни гласови од Германија не се одлучувачки. Во меѓувреме веќе не станува збор за тоа дали Ердоган ќе победи, туку за тоа - со колкава разлика.
Освен тоа, само малкумина ќе дојдат до избирачките места, оти многумина би морале да патуваат стотици километри за да стигнат до следното избирачко место. Единствено ако партиите не организираат изборни конвои, а во тоа владејачката партија на Ердоган АКП има големо искуство, како што покажаа неговите последни настапи во Германија.
Така, ако подобро се погледне, можноста за гласање во Германија е фарса и служи за тоа да се исполира имиџот на Ердоган. Така во иднина тој може да се удира в гради дека на Турците во дијаспората им овозможил учество во демократијата во Турција. По ова прашање би требало да се засрамат безбројни поранешни турски влади. Тие во изминатите 40 години не успеаја барем тоа да го направат, оти речиси и воопшто да не се грижеа за Турците во странство.