1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократската зрелост на Албанија под прашање

9 јуни 2011

И еден месец по локалните избори во Албанија, се’ уште нема официјални конечни резултати од гласањето. Жестокиот спор околу победникот продолжува. Овие избори се сметаа за тест за демократската зрелост на државата.

https://p.dw.com/p/11XVT
Протести на албанската опозиција пред Државната изборна комисијаФотографија: DW

И покрај тешката политичка криза во Албанија, овие избори минаа во најфер атмосфера од падот на комунизмот пред 20 години. Тоа го потврдија многумина набљудувачи:

„И покрај поларизираната изборна кампања, изборите на 8 мај протекоа многу добро“, изјави германската амбасадорка во Тирана, Карола Милер Холткемпер.

Кавгата околу Тирана

Сепак, имаше нерегуларности, како на пример во главниот град Тирана. Тука, првично лидерот на опозициските социјалисти и актуелен градоначалник Еди Рама победи со само десет гласови предност. Изборната комисија со која доминира владејачката партија, меѓутоа, одлучи да спроведе ново пребројување на гласовите и потоа донесе одлука гласачките ливчиња наводно ставени во погрешна урна, да ги прогласи за важечки. По повторното пребројување на 23 мај, за победник беше прогласен кандидатот на владејачките демократи, Љуљзим Баша, со предност од 81 глас. Повторното пребројување на гласовите, пак, го прогласи за неважечко партијата на Рама. Судот меѓутоа, ја отфрли жалбата на опозицијата и пресуди дека постапувањето на Изборната комисија е во согласност со законот.

Ausschreitungen in Albanien
Еди Рама, лидер на опозициските социјалистиФотографија: AP

Приврзаниците на опозицијата ја обвинуваат конзервативната влада дека тесната победа на Еди Рама во Тирана сакаат да ја претворат во пораз. Имаше жестоки демонстрации, но и насилни судири со полицијата.

ЕУ како пример

Пратеникот од редовите на социјалистите и експерт за право, Дамиан Ѓикнури критикува:

„Постапката при пребројувањето на гласовите говори за изборен закон со многу недостатоци. Со тоа, довербата на гласачите во изборниот систем е разнишана и затоа на земјата и’ се заканува длабока криза.“

Претседателот на Избирачкиот колегиум Том Ндреца предупредува од злоупотреби:

„Злоупотребата на изборниот закон за политички цели е ахилова тетива на овој систем. Затоа препорачливо е воведување на електронски системи за гласање, како во земјите на ЕУ. Со тоа ќе се обезбеди независно пребројување на гласовите.“

Гласачите поделени

Mr. Lulzim Basha
Љулзим Баша, кандидат на владејачката Демократска партија за градоначалник на ТиранаФотографија: DW

Европската комисија и Европскиот парламент и’ понудија на Албанија правна стручна помош и истовремено ги повикаа политичките партии на соработка и на реформа на изборното законодавство.

Трката рамо до рамо за местото градоначалник на Тирана повторно го отслика поделеното мислење на гласачите. На локалните избори им се припишуваше големо значење за приближувањето на Албанија кон ЕУ. САД и Унијата дури и дадоа голема финансиска поддршка за да се овозможат фер избори. Експертите меѓутоа, сметаат дека исходот од изборите покажува дека Албанија се’ уште не достигнала демократска зрелост. Тие дури стравуваат дека интеграцијата на Албанија во ЕУ станала уште подалечна.

Автор: Вилма Филај / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска