Делириум во Франција
16 јули 2018Франција синоќа се претвори во огромна дискотека по победата на фудбалската репрезентација во финалето на Мундијалот во Русија против Хрватска со 4:2. Во главниот град Париз на оние 90 илјади луѓе, кои пред Ајфеловата кула заеднички го гледаа финалето, во прославата на титулата им се придружија десетици илјади други граѓани, кои весело играа и пееја.
Местата предвидени за прославата во Париз, околу Ајфеловата кула и пред Триумфалната капија, како и во Лил, Лион, Стразбур, Бордо и Марсеј и во помалите места во Франција беа исполнети со милиони луѓе. Покрај огнометот кај Ајфеловата кула, во чест на победата во финалето на СП се огласија и ѕвоната на катедралата Нотр Дам.
Повеќе од 110 илјади припадници на безбедносните сили беа распоредени во целата земја спроти финалниот натпревар. Во Париз, но и во Лион и Марсеј полицијата мораше да се справи со насилнички настроени навивачи, кои се закануваа да фрлат сенка врз величенствената прослава.
Безбесносните сили употребија солзавец и водени топови за да ги растурат групите навивачи на прочуената париска улица Шанзелизе, кои кршеа излози, ограбуваа продавници и фрлаа со камења и други тврди предмети врз полицајците. Слични инциденти имаше и во Лион и во Марсеј, каде, како што се јавува, биле уапсени 10 лица.