Деескалацијата не е пожелна
12 ноември 2014Во Светата земја повторно врие. Арапската младина со ножеви и со камења ги напаѓа државните сили на безбедност и цивилите, со автомобили влетува во маса луѓе. Ни израелската полиција не се воздржува, отвора оган и лишува од живот двајца демонстранти. Притоа, постојат сериозни сомнежи во веродостојноста на официјалниот приказ на настаните, според кој момчето со нож во раката претходно било предупредено со истрели. Палестинците зборуваат за убиство, но ни тоа не може да се докаже.
Маченици или терористи?
Во секој случај, и едната и другата страна веруваат во она во што сакаат да веруваат. Вината секогаш се префрла врз другиот, тоа одамна е позната формула на Блискиот Исток, надоградена со препукувања со тешки зборови. За Израелците тоа се терористи кои намерно убиваат цивили, а за Палестинците се несомнено „маченици“. Истовремено, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во препознатлив стил долева масло на огнот и демонстрантите ги поистоветува со терористи, заканувајќи се дека ќе ги крене куќите во воздух и ќе им го одземе израелското државјанство, како и дека ќе ги протера од Газа.
Но, во што е всушност проблемот? Новите безредија ги иницираше обидот на десничарските религиозни сили да издејствуваат право на молитва на Ридот на храмовите исклучиво за муслиманите, односно да спречат доаѓање на еврејски аџии во кругот на џамијата Ал Акса. Иако израелскиот премиер не инсистира на редефинирање на статусот на храмот, неговата партија и владејачката коалиција имаа поинаков став. Тие не само што го окарактеризираа тоа како целна палестинска провокација, туку и ги заладија односите со Јордан, чиј крал го повлече амбасадорот од Израел, а опозицијата во Аман бара целосен прекин на односите.
Параноја и теории на заговор
Уште кога во 2000 година тогашниот премиер Ариел Шарон провокативно режираше посета на Ридот на храмовите и со тоа доведе до втората Интифада, беше повеќе од јасно колку лесно може да дојде до тензии меѓу Евреите и муслиманите околу светите места. На радикалните сили на палестинска страна им е доволно да се посомневаат во промена на статус квото во Израел и фрустрираната младина веќе е регрутирана. Израелската влада, без оглед на цврстите ставови на улстрадесничарските сили во сопствените редови, избегнува изнесување јасен став и истовремено на исламската и израелската страна и‘ префрла ширење на теории на заговор и параноја. Атентатот врз ултрарелигиозниот активист Јехуд Глика од пред една недела целосно се вклопува во контекстот на споменатите околности. Деескалацијата очигледно никому не му е од интерес, напротив. Теророт и насилството на израелскиот премиер Нетанјаху му обезбедуваат идеален изговор да продолжи со градење на нови и проширување на постојните еврејски населби. Со тоа не само што ќе биде отежнато создавањето одржлива палестинска држава, туку и остварувањето на целта за прогласување на Ерусалим за главен град на таа држава. Истовремено, од Вашингтон и другите центри на моќ на Запад стигнуваат се‘ поостри критики, но тие не вродија плод. Нетанјаху продолжува со офанзивна политика и изградба на спорни населби. Истото може да се каже и за притисокот од Европа во поглед на признавањето палестинска држава и пред постигнувањето трајно мирно решение. Израелскиот премиер добро знае: Израел не треба да се плаши од поостри мерки од симболичните потези на Запад и САД.
Се заканува ли нова интифада?
Навистина, сигнали за помирување не стигнуваат ни од палестинскиот претседател Махмуд Абас. Поигрувањето со емоции во арапскиот свет е премногу ризично за палестинскиот лидер. Абас досега не беше посебно храбар, но се чини е гладен за власт. Тоа значи дека во таа своја недоумица тој и натаму може да се крие зад ескалацијата на насилство, подобро отколку да се соочи со повиците за постигнување примирје. Упатените не исклучуваат можност од избивање трета Интифада, која основањето палестинска држава ќе го турне во уште подалечна иднина.