Деби со радост
4 март 2014Започнува нова етапа во тренерската кариера на Бошко Ѓуровски. Сигурно најпрестижна досега. Првпат е на кормилото на една репрезентација, откако претходно беше тренер во Швајцарија, Србија и во Јапонија. Вели дека е прекрасно чувството во пресрет на дуелот со Летонија:
„Со голема радост го очекувам овој натпревар. Селекторско деби во Македонија, пред домашна публика, во присуство на родителите и пријателите...Се надевам дека овој момент ќе биде проследен и со добра игра.“
Селекторското наименување е голема чест
Што е тоа што беше решавачко, Ѓуровски да ја превземе селекторската палка:
„За мене беше чест да ја прифатам поканата да станам македонски селектор. Мислам дека секој тренер сонува да води една репрезентација, особено ако таа е на земјата во која што е роден. Такво нешто не се одбива. Јас сум радосен и ќе се обидам целото мое искуство и како играч и како тренер да го вградам во репрезентацијата на Македонија.“
Имаше ли и доза на храброст во оваа одлука! Бидејќи, во изминатите две децении на селекторското место се сменија дури десетмина стручњаци со разни ветувања, понекогаш многу оптимистички, но резултатите изостануваа. Македонија ниту еднаш не дојде во ситуација да избори барем „бараж“ за учество на едно големо натпреварување. Ѓуровски е концизен: „Јас сакам да ветам добра и чесна работа со многу труд. Мислам дека Македонија има потенцијал.“
Новиот селектор се соочува со уште еден момент, кој може да влијае врз резултатите на националниот тим. Долгогодишниот капитен Горан Пандев и кажа збогум на репрезентацијата. И Николче Новески, прекалениот командант на одбраната навестува повлекување: „Точно е дека Пандев веќе не сака да игра за репрезентацијата. Новески сѐ уште размислува, но и тој е веќе во одминати фудбалски години. Треба да се сфати дека македонската репрезентација влегува во нов циклус. Има млади играчи, кои се подготвени да ја превземат лидерската улога. На мене е обврската да направам нов, хомоген тим. Ќе се залагам да играат само најподготвените, оние играчи кои ќе даваат максимум во текот на сите 90 минути.“
Шпанија е фаворит, со другите ќе се надигруваме
Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург се во групата во квалификациите за Европското првенство во 2016 година. Каде Ѓуровски го гледа местото на Македонија во ова „друштво“?
„Шпанија е апсолутен фаворит. Со останатите репрезентации сметам дека ќе можеме да се надигруваме. Некои од нив имаат свои предности, но ќе се потрудам да составам добра екипа. Не сакам ништо да ветувам, посакувам само да останеме во игра за третото место, кое што води во баражот“.
Списокот за натпреварот против Летонија го сочинуваат играчи, кои настапуваат во странските клубови. Меѓу нив се Деан Блажевски и Крсте Велковски „новопечените странци“, кои есента играа во Македонија. Ќе и има ли место во репрезентацијата за фудбалерите од македонските клубови?
„Сакав да направиме една средба со играчи од домашните тимови, но немаше време. Мораа да заминат на зимските подготовки со своите клубови. Но, јас ќе ги следам сите натпревари. На пример, ме радува саботниот настап на Баже Илијоски и неговите голови во дресот на Работнички. Јас не правам разлика кој каде игра, туку како игра. Секој што ќе го заслужи националниот дрес ќе добие шанса.“
Не е тренер-диктатор
Во која категорија на тренери Ѓуровски се става? На оние кои се доследни на своите принципи во работата, каде што „црното е црно“, а „белото е бело“ или е во категоријата на тренерите, кои проблемите ги решаваат и со „политика“ во комуникацијата и со играчите и со раководството?
„Меѓу тренерите има 'диктатори'! Јас не сум во таа група. Јас сакам да имам комуникација. Авторитетот се гради со знаење. Играчите лесно го препознаваат тренерот кој знае и тоа е секогаш мојот приоритет. Сакам заеднички да го градиме успехот“.
Македонската фудбалска јавност Бошко Ѓуровски го памети како одличен играч на Црвена Звезда, како репрезентативец на Македонија, кој пред две децении против Кипар постигна хет-трик. Во какво сеќавање ќе се обиде да остане како селектор на репрезентацијата?
„Македонија да отиде на едно европско или светско првенство е мојата огромна желба. Тоа е само желба но, мора нештата да се посакуваат за да можат да се остварат. Како дете мечтаев да играм за голем клуб, да станам репрезентативец. Успеав! Ќе се обидам да отсонувам нов сон, македонски!“, вели Бошко Ѓуровски во интервјуто за Дојче веле.