200110 Bundestag Außenpolitik Debatte
21 јануари 2010Една недела пред конференцијата за Авганистан во Лондон, опозицијата бара од владата да ја соопшти нејзината преговарачка позиција. Пратеникот на Зелените, Фритхјоф Шмит критикува дека владата се‘ уште не се изјаснила детално за идната политика кон Авганистан. „Се‘ уште, на неколку дена пред конференцијата, немате обелоденето јасна стратегија за Авганистан!“
Дали ќе се зголеми контингентот на Бундесверот?
На 27 јануари канцеларката Ангела Меркел во Бундестагот треба да даде владина изјава за политиката кон Авганистан. Дотогаш, германската преговарачка позиција останува „во магла“. Дали контингентот на Бундесверот ќе се зголеми или не? Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле останува нејасен: „Наспроти некои медиумски извештаи, јас никогаш не сум рекол дека не доаѓа предвид зголемување, на пример на капацитетите за обука. Исто така никогаш не сум рекол дека тоа ќе го сториме во секој случај. Јас само велам дека прво станува збор за целите, за перспективата на Авганистан, потоа има долга празнина, па дури потоа следува воена заштита. Тоа е редоследот на работите.“
Министерот за надворешни работи нагласува дека конференцијата во Лондон не е конференција за зголемување на трупите, и толку. Владата има намера да ја зголеми развојната помош и да стори повеќе за обука за авганистанските безбедносни сили. За христијанскиот демократ Андреас Шокенхоф тоа е предуслов за повлекување на Бундесверот: „Водечка мисла е: кој сака порано да се повлече, мора да испрати повеќе воени инструктори и полицајци. Кој на такво нешто не е подготвен носи одговорност за тоа дека ќе мора да останеме подолго. Тоа не го сакаме.“
Опозицијата бара повлекување на војниците
Што се однесува до повлекувањето, владата не се определува цврсто за некоја опција туку зборува општо за тоа дека сака да развие перспектива за повлекување. Шефот на пратеничката група на Партијата на левицата, Грегор Гизи, тоа го формулира вака: „Велите дека сакате перспектива за повлекување уште во овој легислативен период. Дали смеам тоа да го преведам за граѓаните? Тоа значи дека до 2013 година сакате да знаете дали и кога ќе почне повлекувањето, да речеме во 2020 или во 2025 година. Тоа е перспектива.“
Додека левите бараат повлекување веднаш, социјалдемократите предлагаат повлекување на германските војници за три до пет години.
Автор: Нина Веркхојзер/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска