Двојазичните училишта во Германија се многу популарни
9 октомври 2011„Основната идеја е оние деца кои растат со странски јазик како мајчин, да се чувствуваат добредојдени и во училиштето. Цел е јазикот да не биде пречка за интегрирање на децата со мигрантско потекло во училиштето и општеството, како што било порано“, објаснува Маргит Фаикс, директорка во католичкото основно училиште во Келн. Таа самата има шпанско потекло и затоа знае колку многу работа е потребно за да се интегрираш и воедно да го негуваш мајчиниот јазик. Децата до сега одеа во германско училиште, а попладне посетуваа настава на јазикот што го зборуваат со родителите дома. Со германско-шпанската билингвална настава во редовното училиште ова обврска, за среќа, им се скратува на децата. Родителите, како Мартина Шмидт, се благодарни за тоа: „Јас ја пријавив мојата ќерка Сол во ова основно училиште затоа што ми беше важно шпанскиот јазик да го слуша, да го пишува, да го зборува и надвор од дома. Татко и’ доаѓа од Чиле и затоа мислам дека е важно за нејзината самодоверба. Јазикот е дел од нејзиното потекло и идентитет“, вели мајката Мартина.
Идејата се роди во 1963 година со договорот меѓу Франција и Грманија за заедничка соработка
Билингвалното училиште го посетуваат и деца за коишто вториот јазик, како во овој пример шпанскиот, не е дел од семејниот идентитет. Родители, како Грегор Фроме, кои не го зборуваат јазикот дома сепак сакаат нивните деца да одат во ова училиште: „Ова е сигурно добра инвестиција за во иднина, која се разбира не треба да се пропушти.“
Во билингуалнте училишта за сега нема стандардизиран наставен концепт. Во основното училиште на директорката Маргит Фаикс учениците секојдневно имаат по еден час шпански јазик, предметна настава и час по ликовно. Овие предмети ги предавааат паралелно две наставнички. Едната ја објаснува темата и задачите на учениците на германски, а другата го објаснува истото на шпански.Едно од првите позитивни искуства што ги имаат децата во билингвалното основно училиште е пеењето. Тоа е многу важно и за наставничката Сандра Нието де Диего: „Она што во секој случај функционира е тоа што на децата им се дава многу позитивен фидбек: ’Многу добро. Значи, разбра?’ На германските деца им помагаат останатите деца кои веќе го познаваат или го зборуваат шпанскиот јазик дома. Тие им преведуваат на другите деца и им ги објаснуваат задачите“, објаснува Сандра Нието де Диего.
Концептот се вика: да се учи од другите и со другите
На овој начин билингвалните основни училишта нудат многу повеќе знаење, отколку што можат да научат децата во родителскиот дом. Поради тоа, овие училишта во Германија стануваат се’ популарни, а поддршка добиваат и од државата. Конкретни бројки на државно ниво нема, но само во покраината Рајнланд Пфалц годинава се отвориле 13 нови основни училишта што нудат билингвална настава. Советничката за миграција во општинската управа во Келн, Розела Бенати, го поддржува отворањето на билингвални училишта: „Првото основно училиште во Келн беше германско-италијанското училиште. Потоа се отворија уште некои други, две на италијански јазик, едно на германско-турски, едно на германско-шпански и едно на германско-англиски јазик. Германско-француското основно училиште, што веќе постоеше во Келн, го смени концептот, така што сега ги користи многу повеќе ресурсите на децата, односно го применува концептот: учење едни од други и со други“, објаснува Розела Бенати.
Автор: Антје Холундер / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Симе Недевски