Две нови апсења во Манчестер, Меј лута на САД
25 мај 2017Британската премиерка Тереза Меј за време на денешната средба со претседателот на САД, Доналд Трамп ќе изрази загриженост но и незадоволство поради тоа што детали од истрагата за нападот во Манчестер, во кој загинаа најмалку 22 луѓе, се појавија во американските медиуми.
Британските официјални лица беа многу незадоволни кога весникот „Њујорк тајмс“ објави фотографии од местото на несреќата, вклучувајќи и фотографија на уредот кој би можел да биде „детонатор“.
Се очекува оти Меј за тоа ќе разговара со Трамп кога подоцна денеска ќе се сретнат на самитот на НАТО во Брисел.
Британските официјални лица веруваат оти американските полициски служби се поверојатниот виновник за протекување на информациите отколку Белата куќа. Во меѓувреме британските медиуми јавија дека полицијата претстанала да споделува информации со САД во врска со нападот во Манчестер Арената. Станува збор за оперативна одлука на полицијата, изјавија безбедносни извори за ББЦ.
Напаѓачот бил дел од поширока мрежа?
Во меѓувреме медиумите пренесуваат дека британската министерка за внатрешни работи Амбер Руд веќе изјави оти ја изнервирало тоа што идентитетот на напаѓачот е објавен во американските медиуми за помалку од 24 часа по експлозијата и оти го предупредила Вашингтон дека тоа не би смеело да се повтори.
Покрај тоа, се објавени фотографии кои подоцна ги пренесоа и британските медиуми, на кои се гледаат делови од бомбата, батерија која веројатно била извор на струја и ранецот во кој се наоѓал импровизираниот уред.
Инаку британската полиција рано утрината приведе уште две две лица поради можна поврзаност со нападот во Манчестер.
Досега се уапсени вкупно 8 мажи, вклучувајќи го и постариот брат на напаѓачоти една жена во серијата рации во Манчестер, Винган и Нанитон. Жената рано утрината е ослободена без да биде покренато обвинение против неа. Во Либија се приведени таткото и помладиот брат на напаѓачот.
Британската полиција продолжи да истражува дали бомбашот самоубиец Салман Абеди бил дел од поширока мрежа.
Во нападот во понеделникот вечер, по концертот на американската пејачка Аријана Гранде, загинаа 22 лица, вклучувајќи и деца, а 64 се повредени.