1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две недели по затворањето на ЛОИ, Пекинг и натаму во фокусот на спортската јавност

8 септември 2008

Олимпискиот оган повторно гори на стадионот Птичје гнездо во Пекинг каде во саботата на свечен начин беше означен стартот на летните Параолимписки игри, 13 ти по ред.

https://p.dw.com/p/FDPG
Хорст Келер во посета на параолимпијцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Точно во 22 часот и 36 минути по локално време во саботата, кинескиот претседател Ху Џинтао ги прогласи игрите за отворени кои ќе траат до 17 септември. 91.000 луѓе во преполнетиот Национален стадион беа целосно задоволни. Громогласно ги поздравија спортистите од сите земји учеснички кои традиционално продефилираа, меѓу нив се разбира и германските.

Дваесет претседатели, меѓу кои и германскиот претседател Хорст Келер беа сведоци на тричасовната величенствена церемонија испреплетена со различни костуми и музички микс од поп до класика. Кулминација на шоуто се разбира беше палењето на олимпискиот оган од страна на Хоу Бин, кинескиот атлетичар без една нога кој се натпреварува во скок во височина.

Германците денеска го освоија и првиот златен, од досега вкупно освоени седум медали. Пливачката Мариа Гетзе по седми пат во својата кариера освои медал на Параолимписките игри. Таа освои сребро на трката на двесте метри грбно која ја исплива за 3 минути 14 секунди и 59 стотинки. Самата изненадена вели дека не очекувала вакво нешто:

„ Имав желба да освојам медал, но не сметав дека тоа навистина ќе се случи„ изјави Гетзе

Таа инаку беше дел од германските спортисти кои беа присутни на синоќешниот прием во германската амбасада во Пекинг, кој го организираше сојузниот претседател Хорст Келер. Тој поединечно им честиташе на освојувачите на медалите од првиот натпреварувачки ден. Веднаш по средбата со кинескиот колега Ху Џинтао, Келер го посети олимпиското село, каде меѓу другото ручаше во друштво со параолимпијците.

Инаку Келер важи за голем заложник за помош на спортистите со инвалидитет. Тој постојано се залага за следење на примерот на спортистите од земјите во развој, кои добиват бесплатна поддршка од фирмите. Затоа тој дома во Германија се погрижи големите германски фирми, како Телеком, да се ангажираат како спонзори на германскиот тим. Келер кој со години се ангажира за спортистите со инвалидитет, вели дека неговиот престој во Кина е првенствено со таа цел и ги отфрла изјавите дека со тоа тој всушност сакал да се оправда пред кинеското раководство, заради отсуството на Ангела Меркел од отворањето на ЛОИ. Параолимписките игри била и првата тема на која Келер разговарал со Џинтао:

„ Тоа беше во преден план на мојата посета, тоа е секогаш важно за мене, да бидам овде, на Параолимписките игри. На претседателот му честитав за одлично организираната церемонија на отворање. Се согласивме дека овие Параолимписки игри треба да имаат цел да испратат порака не само во Кина туку и во целиот свет, дека спортистите со инвалидитет треба да бидат дел од игрите, дека сакаме тие да добијат признание за своите постигнувања и напори„ изјави Келер